Соборот на СПЦ со одлука ја врати МПЦ-ОА како автономна црква во рамките на СПЦ

//

Соборот на Српската православна црква денеска одобри канонско единство со МПЦ-ОА врз основа на автономниот статусот кој и бил доделен на Македонската православна црква во 1959 година, стои во соопштението на СПЦ во кое наведува дека го „поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“.

„Примајќи го актот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со кој го прифаќа општопризнатиот канонски статус што му беше доделен во 1959 година од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод одлучи: со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година“ стои во соопштението на СПЦ.

Во текстот се нагласува дека со ова „се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското причестување, предизвикано со едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година“ и се воспоставува целосна литургиско и канонско општење.

– Со воспоставување единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку и целисходен, легитимен и реален, се додава во соопштението.

СПЦ уште нагласува и дека во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ-ОА, Српската православна црква „ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ и други слични работи или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под ничие влијание или притисок“.



– И, конечно, Соборот нема намера по решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикација во матичната земја и во дијаспората, со препорака прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со еленофонските и другите помесни православни цркви, се наведува во соопштението објавено на сајтот на СПЦ.

„Соборското соопштение на СПЦ не одговара на вистината, односно дека е смислена конструкција со цел да се понижи македонската црква, да се опструира процесот за нашата автокефалност пред Вселенската патријаршија. Јас не можам да поверувам дека постои дека постои некаков акт на МПЦ со кој ние сега го прифаќаме автономниот статус кој ни беше даден од СПЦ од 1959 г. Доколку тоа е така, тоа би значело наше откажување од прогласената автокефалност во 1967 г. “, изјави новинарот и познавач на црковните прашања Бранко Ѓорѓевски за тв Телма.

Се уште нема реакција од МПЦ-ОА на донесената одлука од страна на СПЦ.

Претходна статија

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието од политички причини

Следна статија

Радев од Берлин: Бугарија мора да интегрира партнери, а не проблеми

Најново од Вести