Бугарија и Словачка разговараа за нови нуклеарни капацитети и снабдување со природен гас
Потпишувањето меморандум за разбирање во областа на енергетиката, со фокус на нуклеарната енергија, снабдувањето со природен гас и обновливите извори на енергија, беше централна тема на средбата меѓу министерката за енергетика на Бугарија, Ива Петрова, и Дениса Сакова, вицепремиерка и министерка за економија на Словачка. Ова го соопштија од прес-центарот на Министерството за енергетика на Бугарија, јавува БНТ.
На средбата учествуваа и Свилена Николова, членка на Одборот на директори на АЕЦ „Козлодуј“, Мирослав Дамјанов, член на Одборот на директори на „АЕЦ Козлодуј – Нови капацитети“, и претставници на Министерството за енергетика.
Ива Петрова разговараше со словачката вицепремиерка Дениса Сакова во рамките на 19. Европски форум за нуклеарна енергетика во Прага. Акцентот беше ставен на перспективите за продлабочување на билатералното партнерство во нуклеарната енергетика. Беа разгледани можностите за размена на практични искуства во изградбата на нови капацитети, како и прашања поврзани со диверзификацијата на нуклеарното гориво и со ставањето нуклеарни постројки надвор од употреба.
Двете земји, кои активно работат во рамките на иницијативата за Вертикалниот гасен коридор, разговараа и за потенцијалот за развој на трговската соработка меѓу „Булгаргаз“ и словачката компанија SPP во контекст на пристапот до инфраструктура за течен природен гас (LNG), складирањето природен гас и прекуграничните рути за снабдување.
„Бугарија и Словачка имаат стекнато значително искуство во енергетиката и имаат слични стратешки приоритети. Нашата тесна соработка има реална практична вредност за гарантирање на енергетската безбедност во Централна и Југоисточна Европа, постепеното постигнување на климатските цели и справувањето со високите цени на енергијата во ЕУ“, изјави министерката Петрова.
