Бугарија има шанса да стане дел од новата индустрија на Европа до 2035 година
Европската комисија предложи заедничка рамка за развој и производство на напредни материјали до 2035 година, пренесе БГНЕС. Целта е научните откритија побрзо да најдат примена во европската индустрија и да се намали зависноста од надворешни добавувачи во енергетиката, електрониката, воздухопловството и одбраната.
Предлогот за препорака предвидува раст од најмалку 20 отсто за секој од трите показатели. Првиот се инвестициите во истражување и иновации, вториот е бројот на новоосновани компании и компании во фаза на раст, а третиот е уделот на проекти за побезбедни и одржливи материјали што стигнуваат до понапредна фаза на практична примена.
Комисијата предлага полесен пристап до лаборатории, употреба на вештачка интелигенција за откривање и тестирање нови материјали и поддршка за производство во поголем обем. Меѓу примерите за примена се магнети за ветерни турбини и електрични возила за чие производство не се потребни критични суровини. Според Комисијата, во овој сектор во Европа работат повеќе од 15.000 компании со околу 1,5 милиони вработени.
„Со денешниот предлог ги забрзуваме иновациите, го прошируваме производството и работиме на тоа материјалите на иднината да се развиваат, произведуваат и применуваат во Европа“, изјави еврокомесарката за стартапи, истражување и иновации Екатерина Захариева.
За Бугарија, иницијативата отвора можност за поблиска соработка меѓу научните институции и домашните претпријатија во развојот и тестирањето материјали за електрониката, енергетиката, машиноградбата и автомобилската индустрија.
