| |

Бугарија издвојува над 2,2 милиони евра за младинските центри во 2026 година

Бугарската Влада одобри дополнителни 2.208.374 евра за финансирање на младинските центри во земјата во 2026 година, соопшти Министерството за млади и спорт на Бугарија.

Средствата ќе бидат обезбедени преку буџетот на Министерството за млади и спорт и се наменети за одобрените проекти во рамките на Програмата за финансирање на младинските центри во Бугарија за периодот 2026–2028 година.

Како што соопшти Министерството, целта на финансирањето е да се обезбеди одржлива поддршка за младинските центри и еднакви можности за развој и учество на младите, без разлика на местото во кое живеат.

Меѓу приоритетите се активности за вклучување млади од ранливи категории и од помали населени места, како и иницијативи за поттикнување на граѓанското учество.

Програмата ќе поддржува и волонтерство, младински иницијативи и социјално претприемништво.

Директна целна група се младите на возраст од 15 до 29 години, а главниот фокус е создавање конкретни можности за нивен развој, учество и активен придонес во општеството.

Од Министерството наведуваат дека поддршката за младинските центри е дел од напорите за изградба на единствена, одржлива и конзистентна младинска политика во Бугарија.

Слични Објави