Бугарија изрази солидарност со Романија по пожарот на танкер во Црното Море
Бугарија изрази солидарност со Романија по пожарот на танкерот „Јара Џеј“ во Црното Море, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи на платформата „Икс“, пренесува БНТ.
„Зачестените инциденти што ја засегаат трговската пловидба во регионот се причина за длабока загриженост. Додека се утврдуваат околностите околу пожарот, тесната соработка меѓу Бугарија и Романија е од суштинско значење за обезбедување безбедно минување на трговските бродови во Црното Море. Ова ќе биде еден од нашите главни приоритети за време на претстојните дискусии во Европскиот совет“, наведоа од бугарското МНР.
Трговскиот брод, кој бил закотвен во романските територијални води во Црното Море, се запалил доцна вчера, а неговиот екипаж бил евакуиран, соопшти Романската поморска управа, цитирана од Ројтерс.
Романскиот министер за одбрана Раду Мируца изјави дека сè уште не е јасно дали бродот, кој пловел под знамето на Коморските Острови, бил погоден од дрон. Најавена е истрага за околностите на инцидентот.
Агенцијата Аџерпрес утрово соопшти и за пожар на друг брод, „Вајн Трејдер“, кој плови под знамето на Сан Марино. Пловилото се наоѓа на околу 13 наутички милји југоисточно од Сулина, а по инцидентот осум лица се водат како исчезнати.
