Бугарија ја надминува Грција по доходи до 2030 година, предност од 12.000 евра пред Србија
Бугарија до 2030 година се очекува да ја надмине Грција по бруто-домашен производ (БДП) по жител според паритет на куповна моќ, покажуваат прогнозите на Меѓународен монетарен фонд, пренесе БГНЕС.
Според проекциите, Бугарија ќе се искачи на 30-то место меѓу 41 европска економија, додека Грција ќе биде 32-ра. Земјите од Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина – ќе се рангираат меѓу 34-то и 38-то место. Бугарија ќе остане зад Турција, која е единствен кандидат за ЕУ со подобро рангирање од дел од членките.
Во 2025 година БДП по жител во Бугарија изнесува 42.816 евра, наспроти 32.724 евра во Србија, а разликата од околу 10.000 евра ќе се задржи и во 2030 година (56.360 евра за Бугарија и 44.458 евра за Србија).
Прогнозите укажуваат на ограничени, но видливи економски поместувања во Европа, при што Бугарија постепено ја подобрува позицијата, а Грција бележи најголем пад меѓу анализираните земји.
На врвот според БДП по жител се очекува да биде Ирска, пред Луксембург, Норвешка, Швајцарија и Данска. Меѓу големите економии, Германија останува најдобро позиционирана, а Шпанија најниско рангирана.
И покрај напредокот, Бугарија ќе остане меѓу земјите со најнизок номинален БДП по жител во ЕУ, со околу 28.000 евра, додека во Луксембург се очекуваат над 150.000 евра по жител.

