Бугарија ќе и ги испрати на Турција ветените генератори на Северна Македонија
Бугарија ќе и ги донира на Турција трите електрични генератори ветени на Северна Македонија.
МВР на Бугарија вети демонстративно испраќање генератори на македонската граница откако Скопје четири часа го прекина влезот на Бугарите за да оддадат почит на Гоце Делчев на почетокот на месецот. Македонските власти тогаш објаснија дека тоа се случило бидејќи немало струја.
БНР во неделата извести дека службениците на македонскиот граничен премин Деве Баир на 4 февруари одбиле да го примат ветениот агрегат од министерот за внатрешни работи на Р. Бугарија Иван Демерџиев, а во понеделникот министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев кажа дека генераторите ќе бидат пренасочени кон Турција, каде што има поголема потреба по разорните земјотреси.
„Се надевам дека Република Северна Македонија ќе најде сила и средства подобро да ја обезбеди својата гранична контрола“, рече министерот Демерџиев и додаде дека претстојат конзуларни консултации на кои се надева дека ќе учествува.
„Таму ќе ги разјасниме сите проблеми и ако можеме да помогнеме, ќе им помогнеме, но потребата во Турција е многу поголема во моментов, се однесува на спасување човечки животи и сметам дека трите генератори треба да одат таму“, рече министерот за внатрешни работи на Р.Бугарија.
Според МВР на Бугарија, голем број бугарски државјани биле спречени да се поклонат на гробот на Гоце Делчев.
Министерството за внатрешни работи на Бугарија ги прибира сите достапни информации и ќе ги достави до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.