Бугарскиот научно-истражувачки брод се закотви на островот Ливингстон
Бугарскиот научно-истражувачки брод „Свети Кирил и Методиј“ (НИК 421) се закотви на антарктичкиот остров Ливингстон.
Ова се случи во 18:44 часот по локално време (23:44 часот по бугарско време). Бродот се закотви по предвидениот распоред и во добри временски услови, јави БТА.
„Мило ми е што патувањето беше успешно, времето беше благонаклонето кон нас и исклучително сум им благодарен на морските стихии во оваа насока“, изјави капетанот II ранг Николај Данаилов, командир на бродот „Св. Кирил и Методиј“. „Кога кон океанот и морето се пристапува со почит, резултатот е секогаш позитивен“, додаде тој.
Првата група поларни истражувачи веќе успешно пристигна на брегот на островот Ливингстон. Започна и истоварот на дел од материјалите за бугарската база „Свети Климент Охридски“, што се врши со бродски кран, како и со чамци „Зодијак“. Помага и група шпански поларни истражувачи од соседната база „Хуан Карлос Први“.
Научно-истражувачкиот брод исплови кон Антарктикот на 27 декември.