Ванчо Михајлов ли е виновникот ?
Пишува: Љупчо Куртелов
Според христијанските канони за некоја личност да биде прогласена за светец, потребно е да помине извесен подолг период. Еден пример – Свети Наум умира 910 година, а канонизиран е дури во 13 век. Се чека да мине историска дистанца, да нема живи сведоци за недостатоците на личноста. Со други зборови жив светец нема. Сите си имаме кусури. Истото важи и за Ванчо Михајлов. И ако некој има причина да не го сака, тоа сум јас. Во братоубиствените борби дваесеттите и триесеттите години од минатиот век меѓу протугеровистите и ванчомихајловистите по софиските улици скоро и да нема ден без убиство. Жртви паѓаат од обете страни. Ангел Куртелов, брат на прадедо ми , еден истакнат член на ВМРО, патриот, револуционер и интелектуалец, по охридска линија е во таборот на протугеровистите. Тоа го чини живот. Убиен е по порачка на Ванчо, на втори јуни 1933 година во Видин, на 45 годишна возраст.
Но ИМАНЕНТНОТО на Ванчо, она по што ќе влезе во историјата, е дека тој е симбол на борбата на македонецот против српскиот поробител. И како круна на таа праведна борба е атентатот на крвникот Александар Караѓорѓевиќ , организирана од него, а извршена од Владо Черноземски во Марсеј на 09. Октомври 1934 година. Со овој чин тие се запишани со златни букви во нашата историја и опеани од народот.
… Ајде какво чудо, чудо е станало во града Марсеја…
Дали е во прашање колективната ни кратка памет, или пренапишување на историјата со српска машина за пишење? Веројатно и двете. Сите оние личности кои се бореле за слободата на Македонија против српскиот окупатор се “лошите” момци, а нивните измеќари станаа нашите нови “херои”. Колкумина од нас знаеме за Љубомир Весов, за Илија Кушев… ВМРО-вци кои ги жртвувале своите животи на возраст од 30 и 26 години. За оние љубопитните ја препорачувам Википедија. Предлагам во ноември да се обележи 100 годишнината од нивната јуначка смрт.
На посетата на високата бугарска делегација во Битола требаше да и се најде кусур. И го најдоа- името на здружението “Иван Михајлов”. Бил фашист, соработник на окупаторот…
Ванчо Михајлов 1934 година со доаѓање на власт на звенарите во Бугарија е осуден на смрт. Поради таа причина емигрира во Турција, а потоа во Полска. Војната ја минува во Загреб. 1944 година после капитулацијата на царска Бугарија, Германците му предлагаат да го преземе раководството во Македонија. Одбива со образложение дека би следела братоубиствена војна. И каде го гледаме тука неговиот фашизам и соработка со окупаторот?
На новинарската просрпска фела името и беше доволна причина да почне канонада од сите оружја. Опозицијата виде одлична шанса да поентира. А власта се најде во небрано и понесена од мејнстимот беше принудена да да дава некакви изјави и да вади жешки костени.
Добрососедски односи со вакво поведение не се градат.

