Бугарија ќе ја проширува соработката со клучните туристички пазари ширум светот
Бугарскиот министер за туризам, д-р Илин Димитров, одржа серија средби со министри за туризам и претставници од Шпанија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Кина, Црна Гора, Индонезија и Грција за време на 126. сесија на Извршниот совет на UN Tourism во Толедо, Шпанија, јавува БТА.
На форумот беше претставена стратегијата на организацијата за периодот 2026–2029 година, како и новата визија на генералната секретарка Шејха Ал Нуаис. Разговорите беа фокусирани на проширување на соработката, подобрување на воздушната поврзаност и развој на директни линии со цел привлекување повеќе туристи и инвестиции.
„Во Бугарија туризмот е двигател на локалната економија и вработувањата. Важно е активно да соработуваме со клучни партнери од различни региони во светот“, изјави Димитров, претставувајќи ги предностите на земјата во културниот, историскиот, морскиот, зимскиот, СПА и здравствениот туризам.
Беше разгледана и можноста за соработка меѓу образовните институции и туристичките организации за обука на кадар и подобрување на квалитетот на туристичките услуги, како и организирање заеднички иницијативи за промоција на туристичките дестинации.
Бугарија е членка на Извршниот совет на UN Tourism со мандат до 2027 година, што ѝ овозможува директно учество во носењето одлуки за развојот на светскиот туризам.
