| |

Бугарија ќе набави повеќе од 10 системи за заштита од дронови

Бугарија планира да набави повеќе од 10 системи за заштита од дронови, а конечниот број ќе зависи од обезбедените финансиски средства, соопшти министерот за одбрана Димитар Стојанов по седницата на Советот за безбедност на бугарската Влада, свикана од премиерот Румен Радев, јавува БГНЕС.

Стојанов изјави дека веќе почнале преговори со компанијата што ја предводи понудата во рамките на механизмот SAFE, а целта е договорите да бидат склучени до крајот на годината. Системите потоа треба да бидат распоредени во воени формации надвор од населените места.

На седницата биле определени и објектите што приоритетно треба да добијат антидрон системи. Според министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, изборот на опремата ќе зависи од тоа дали објектите се наоѓаат во урбана или во друга средина.

МВР и ДАНС ќе извршат детални проверки на складиштата и производствените бази за муниција и експлозиви и ќе дадат препораки за зајакнување на нивната заштита. До крајот на 2026 година ќе има и засилени полициски патроли во областите каде што се наоѓаат такви објекти.

Разгледани се и мерки за подобра заштита на стратешките објекти, вклучително дополнителен видеонадзор и можни измени во Законот за одбрана и вооружените сили.

Во врска со инцидентите во складиштата на трговецот со оружје Емилијан Гебрев, Демерџиев изјави дека истрагите продолжуваат и дека внимателно се проверуваат и верзии за можна надворешна интервенција. Тој посочи дека се утврдени проблеми и во начинот на чување на експлозивите и муницијата и во ефикасноста на обезбедувањето.



Слични Објави