Бугарија ќе обезбеди помош во полицајци за 4 февруари ако има такво барање од македонското МВР
Главниот комесар на бугарското Министерство за внатрешни работи Станимир Станев вели дека Бугарија може да обезбеди помош во полицајци на чествувањето на Гоце Делчев на 4 февруари ако има такво барање од македонското МВР, пишува Слободен печат.
– Бугарија е подготвена да испрати полицајци во Северна Македонија на 4 февруари, ако добие таков предлог. Северна Македонија е одговорна за настанот, но ние можеме да обезбедиме помош, изјави Станев за БТВ.
Според него, со Македонија се разменуваат информации за движењето на луѓето, што им е потребно на двете земји со цел непречено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари.
– Се надевам дека нема да има провокации, нема да има навреди. Вложуваме максимални напори од страна на бугарските гости да нема провокации, вели Станев и додава дека има драконски мерки, уверување што го добиле од македонската полиција.
Тој уште говореше за истрагата за нападот врз Христијан Пендиков и кажа дека се пренесени сите информации за заканите кон Пендиков додека бил во софиската ВМА.
– Сакаме истрагата да биде целосна и објективна, изјави Станев.
