Бугарија може да стане членка на ОЕСР во 2026 година
Бугарија може да стане полноправна членка на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР) следната година. Ова го изјави вицепремиерот Гроздан Караџов, кој истакна дека тоа е политичка цел на бугарската Влада, јавува БНР. Според него, членството во ОЕСР ќе биде јасен сигнал до светската економска заедница дека Бугарија нуди стабилна и предвидлива бизнис средина.
До овој момент, земјата има успешно завршено 16 од вкупно 25 технички прегледи на комитетите на Организацијата и активно учествува во нивните дискусии и седници. Караџов нагласи дека искуството на други европски држави покажува дека членството во ОЕСР води до значителен раст на странските инвестиции и удвојување на трговските текови, особено во транспортниот сектор.
„Ова пристапување е стратешки надворешнополитички приоритет на Бугарија, но и внатрешноекономски и општествен приоритет. Да си дел од ОЕСР значи дека земјата нуди стабилна и сигурна економска средина, што е гаранција за повисок економски раст и подобар квалитет на живот на граѓаните,“ изјави Караџов.
Вицепремиерот додаде дека клучна улога во завршувањето на процесот има Народното собрание, кое треба да ги разгледа и усвои законодавните промени со највисок приоритет.
„Во исто време, и приватниот сектор треба да одговори на новите стандарди и барања и да ги претвори во свое конкурентно предимство. Политичката цел е полноправно членство до 2026 година,“ изјави Караџов.
