| |

Бугарија не е Русија

Пишува: Маузер

Некако го промашувам тајмингот со оваа колумна со оглед на тоа што на денот на нејзиното пишување излегоа резултатите од пописот на населнието во 2021 година во РСМ. Сепак морам да го преточам во зборови тоа што повеќе од месец дена го имам на ум, но никако обврските да ми дозволат да го направам. Тоа што веќе некое време ми се врти во глава е теоријата која што често се пласира,а таа е дека Бугарија и Русија имаат сличен однос кон РС Македонија и ко Украина, или дека тоа што е Русија за Украина, е Бугарија за Македонија.

Мора да признаам во тоа има и грам вистина како што има и во секоја уверлива лага. Ако го обраќањето на Путин неколку дена пред почетокот на инвазијата не можете да не се забележите одредени сличности во реториката на Путин со реториката на одредени бугарски политичари кон Македонија. „Историските болки“ на Русија имаат одредена сличност со тие на Бугарија. Фактот што Бугарија има многу силна русоробска петта колона не помага во тоа, таа перцепција да се намали. И за жал тоа го препознаа и одредени антибугарски елементи во нашата држава кои за нивни ситени пропагандни цели влечат паралела и ги изедначуваат Русија и Бугарија и ставаат знак еднаквост на ветото со инвазијата што во најмала рака е невкусно, особено кон луѓето кои во подруми мора да трпат секојдневни бомбардирања. Затоа и во овој текст би сакал подвлечам неколку многу важни разлики помеѓу Русија и Бугарија.

Првата и многу важна разлика е очигледниот факт- Бугарија го почитува територијалниот интегритет на Македонија. Таа не прави инвазија врз Македонија, туку напротив, Бугарија со сите свои делувања до сега истакнувала дека и е важен територијалниот интегритет и целовитост на Република Северна Македонија. Бугарија прва ја призна нејзината независност, Бугарија ја снабди со оружје младата држава без војска која што веднаш потоа мораше да војува. Бугарија беше еден од главните поддржувачи на членството на Македонија во НАТО што е гарант за нејзината територијална целовитост. Да имаше Бугарија намери за територијална експанзија, бугарското вето ќе беше вето врз членството во НАТО, а не за почеток на преговорите со ЕУ. И тоа е една од главните разлики помеѓу Бугарија и Русија. За разлика од Русија која што сонува империјални соништа и до пред 30-тина години имаше во еден или друг облик империја во чии рамки се наоѓаше и Украина, Бугарија е историски главниот промотер на идејата за македонска државност. Врв на непочитување на моменталните жртви во Украина е обидот некој себе си да си се направи дека е истата жртва поради едно вето за стартот на преговорите со ЕУ што ме води во втората точка – членството во ЕУ.

Додека Украина се бори да се оттргне од Русија, Македонија пробува да влезе во сојуз со Бугарија. Додека Русија врши агресија со цели како територијална експанзија и вовлекување на Украина против нејзината волја во својата зона на влијание, Македонија е таа што чука на вратата на ЕУ каде што Бугарија веќе 15 години е полноправен член. Македонија бара членство во една заедница со Бугарија и Бугарија има одредени услови, а тоа се расчистување на односите и конечно вадење на целиот „валкан веш“. Или барем одредена патна карта и чекори како да дојде до тоа додека паралелно ги преговараме условите да станеме дел од едно европско семејство каде што би требало односите меѓу членките да бидат уредени.

На страна целата реторика на некои бугарски политичари и влажните фантазии на бугарските ќосиња, Бугарија не е ни блиску до тоа што е Русија, а особена димензија даваат и македонските Бугари кои речиси едногласно се на страната на Украина во оваа бесмислена војна. Не само емоционално, туку и на практика тие нудат помош колку што можат, а малите протести за поддршка на Украина се во значаен дел пополнети и од страна на македонските Бугари. Кога Бугарија кон Македонија би била како Русија кон Украина по некој логика македонските Бугари би требало емоционално да се на страната на Русија, но тоа едноставно не е така. Зошто? Затоа што македонските Бугари се едни од најголемите македонски патриоти! За разлика од Украинските Руси и русофили кои водат сепаратистички војни, македонските Бугари во голема мера го градат својот идентитет врз идејата за македонска државност. Исто така македонските Бугари се помирени и го прифаќаат во целост фактот дека во моментов Македонците се посебна и во целост оформена нација веќе со генерации која што си оди по свој пат. Тоа не значи дека треба да ги прифатиме сите каприци на нашите сограѓани, да прифаќаме дискриминација, историски фалсификати и на црното да кажуваме бело и обратно, но тоа значи дека Бугарија и Бугарите никогаш нема да можат да се постават како Русите во однос на Украина и Украинците. Таа наводно проруска Бугарија веќе направи многу повеќе за Украинците отколку Македонија, а протести со толкава масовност во знак на поддршка на Украина како тие во Софија и Пловдив во Македонија се незамисливи. Да биде иронијата уште поголема македонските „патриоти“ и националисти сите умираат по Русија и се ситат на „специјалната операција за денацификација“, a предавниците се во целост на страната која што е нападната и против наводниот свој поголем двојник.



Слични Објави