Бугарија нема скриена агенда за РС Македонија, ЕУ не ги мие тоталитарните митови и злосторства
Пишува: Марин Рајков, амбасадор на Бугарија во Лондон/ БГНЕС
Ниту еден одговорен фактор во Бугарија не би повикувал на територијални претензии кон ниту една од нашите соседни земји. Бугарија нема „скриена агенда“, туку само желба за симетрично решение што би овозможило европска интеграција на РС Македонија. Но, само како предвидлив и демократски сојузник, кој се помирил со своето тешко тоталитарно минато и ѝ го свртел грбот на тоталитарната идеологија. Сакаме да интегрираме партнер, а не проблем. Затоа се радуваме на сегашните обиди за разведрување на политичката атмосфера со конкретни проекти од економската, транспортната, културната и други области.
Треба да престанеме да размислуваме во однос на категории како „Ние“ и „Тие“ – во очите на обичните луѓе, оваа граница не ги дели народите, туку семејствата кои споделуваат заедничка историска меморија и јазични традиции. Европската Унија е интеграциска заедница во која ние Европејците делиме идентитети, а не ги повикуваме духовите на Тито и Димитров. Затоа, новата атмосфера, која е иницирана од бугарска страна, дава одредена надеж. Се разбира, мора да му дадеме шанса на времето, бидејќи таму проблемите се суштински.
Во исто време, главните проблеми очигледно остануваат. Ставовите на нашата држава се кристално јасни во Рамковната позиција на Собранието, во одлуките на политичките сили донесени на Консултативниот совет за национална безбедност, а и не само… Очекуваме храбри политички одлуки. Ќе додадам дека на Бугарија не и требаа три години убедувања за да изјави дека нема територијални претензии кон своите соседи пред да ги започне преговорите за членство во ЕУ – ние бевме првата земја што ја призна независноста на новата братска држава со името што таа сама си го одбра. Нема потреба од притисоци и брзање, но три години се многу. Добро е да се забрза темпото на промени во Скопје за да се забрза и патот кон преговорите со ЕУ.
Мислам дека романсата заврши со одбивањето да се спроведува Договорот од 2017. И тоа со сите негови елементи – Заедничката историја, одбивањето да се создаде малцинство во Бугарија, јазичната уставна клаузула, секторската соработка – веќе е инсистирање на Европската унија. Пред два месеци ова беше усвоено во Заклучоците на Советот. Затоа бараме европски гаранции во оваа фаза. Ние, секако, бараме и билатерални гаранции, па подаваме рака. Романтичен пристап би бил оној кој сака да го пренесе минатото во сегашноста. Бугарскиот народ не може да ја прифати и спротивната крајност – префрлањето на сегашните идеологеми во минатото, со цел оправдување на дебугаризацијата и злосторствата извршени од Кралска и од Титова Југославија.
Нам PC Mакедонија ни е потребна како регионален елемент на нашата европска конструкција. Незамисливо е да има „црни дупки“ на картата на Европската унија. Северна Македонија мора да биде европска држава. Сметам дека тоа е неизбежно, но за сите страни, но и за неа, патот до почеток на преговорите е поврзан со исполнувањето на одредени услови и со нејзината внатрешна катарза.
Прагматизмот бара навремено отпочнување на уставни измени кои треба да обезбедат еднаков третман на делот од нашиот народ во Северна Македонија. Не зборуваме за малцинства, туку за дел од бугарскиот народ. Прагматизмот бара да се почитуваат и денешните политички реалности, кои Бугарија ги препозна уште во 1999 година, и историските реалности – што очекуваме да го сторат нашите браќа од Скопје. Историскиот наратив е дел од она што децата на Бугарите таму го учат за својот народ. Затоа, зборуваме за нивните права. Овој наратив е и израз на официјалната идеологија на новата држава. Катарзата нема алтернатива во овој поглед. Бидејќи нема алтернатива и спроведувањето на Договорот од 2017. Кога процесот ќе добие гаранции за неповратност од европските механизми поврзани со преговорите за членство во РС Македонија, тогаш ние ќе мораме, искрено и од срце да ја обезбедиме сета вистинска поддршка за европската интеграција на Скопје.
Се е решливо со политичка волја, храброст и искрена желба за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Илузорно е да се мисли дека земја-кандидат може да ги „испере“ во ЕУ тоталитарните митови, идеологијата, па дури и споменот за она што е направено на нејзина територија против делот од нашиот народ. Европа не може да дава такви индулгенции. Затоа е потребен Законот за рехабилитација на жртвите на масовните антибугарски репресии по 1945 година. Сепак, илузорна е и желбата РС Македонија на неодредено време да се држи надвор од процесот на проширување на ЕУ. Тактиката на предизвикување надворешен притисок врз Бугарија да отстапи од нејзините легитимни очекувања води токму до тоа. Кога еден ден нашите браќа од Скопје ќе ги исполнат нашите очекувања и ќе тргнат на трнливиот пат на преговорите за членство, ќе се уверат дека оние земји кои го поддржаа нивниот претходен бескомпромисен пристап кон Бугарија се оние кои всушност се сомневаат во нивната европска перспектива. Ова е веројатно скриениот дел од проблемот.
Со секоја нова влада во Бугарија, нашите скопски пријатели се појавуваат со илузорното очекување дека некој во Софија, уште пред целосно да навлезе во темата, ќе им го сврти грбот на интересите на бугарскиот народ. Ова не е реално. Исценираниот притисок однадвор – уште помалку. Не постои лесна и готова формула, но стабилноста на националната позиција е единствениот начин истата да биде почитувана. Се разбира, без покажување екстремизам! Еден поранешен бугарски премиер, роден во Ресен и потпишан во 1909 година на Протоколот со кој Турција ја признава бугарската независност, дал јасни методолошки насоки: „Со кроце, со благо…“. Ќе застанам овде.

