| |

Бугарија одбележа 147 години од поставувањето на темелите на државната служба за обезбедување

Да се носи титулата „чувар на бугарската државност“ е највисока чест, доверба и одговорност, изјави началникот на Националната служба за обезбедување (НСО) на Бугарија, генерал-мајор Емил Тонев, по повод 147-годишнината од поставувањето на темелите на државната служба за обезбедување, јавува БНТ.

„Ова признание и највисоката доверба што ни е укажана ќе продолжиме доследно да ги оправдуваме, според словото на законот и без никакви компромиси“, порача Тонев.

На свечената церемонија во Софија по повод професионалниот празник на НСО присуствуваа бугарската претседателка и врховен командант на вооружените сили Илијана Јотова, претседателката на Народното собрание Михаела Доцова, бугарскиот патријарх Даниил, вицепремиерот и министер за финансии Галаб Донев, министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и поранешниот претседател Петар Стојанов.

Присуствуваа и раководители на структури од системот за заштита на националната безбедност и јавниот ред, припадници и вработени во НСО, како и ветерани.

По повод празникот, бугарскиот патријарх Даниил отслужи свечен водосвет за здравје и благосостојба на вработените во службата.

Во своето обраќање Тонев посебно им се обрати на најмладите припадници на НСО, нагласувајќи дека од обновениот подофицерски и офицерски состав се очекува секојдневно да ја оправдува укажаната доверба.

„Тоа се постигнува со многу работа, со подготовка и со многу лични компромиси. Треба да бидете подготвени на уште откажувања, уште поголема дисциплина и уште поголеми напори“, изјави Тонев.

Тој додаде дека ладнокрвноста и трезвеното расудување, кои припадниците на службата повеќепати морале да ги покажат во изминатата година, се професионални квалитети што се градат со години.

Началникот на НСО им изрази благодарност на вработените за нивната служба и за професионалноста при извршувањето на задачите.

„Некои од вас спасија човечки живот, некои се истакнаа при извршувањето важни службени задачи. Но, сите покажавте високи професионални квалитети“, рече Тонев.

Тој нагласи дека ваквите достигнувања често остануваат надвор од вниманието на јавноста, но изрази надеж дека припадниците на службата ќе наоѓаат задоволство во укажаната доверба и признанието за добро завршената работа.

Слични Објави