Бугарија планира 19 милијарди евра за вооружување до 2035 година
Бугарската влада предвидува инвестиции од 19 милијарди евра во вооружување до 2035 година, според објавените детали од планот за одбранбени инвестиции, јавува БНР.
Финансирањето ќе биде обезбедено главно преку националниот буџет и преку нискокаматниот заем од инструментот на ЕУ – SAFE. Во периодот од 2026 до 2028 година се планираат минимално потребни трошоци за одбрана од 2,15 до 2,65 проценти од БДП, за личен состав, тековно одржување на вооружените сили и исплата на обврски по меѓународни договори за модернизација.
По 2028 година се очекува побрзо зголемување на одбранбените трошоци, со клучна улога на финансирањето преку SAFE. Бугарија планира набавка на оружени платформи и одбранбени системи во вредност од 3,261 милијарди евра, кои треба постепено да се реализираат до 2030 година.
Поради неизвесноста околу продолжувањето на европскиот механизам по 2030 година, предвидено е побавно зголемување на трошоците, кои до 2035 година треба да достигнат 3,5 проценти од БДП, во согласност со одлуката од самитот на НАТО во Хаг.
Дополнително, до 2035 година треба да се обезбеди уште 1,5 процент од БДП за активности поврзани со одбраната, цивилната заштита, инфраструктурата со двојна употреба и стратешките резерви.

