Бугарија планира изградба на високотехнолошки парк за вселенски и одбранбени технологии
Бугарската Влада одобри нацрт-меморандум со компанијата „Старбејс Јуроп“ за соработка во реализацијата на приоритетниот инвестициски проект за изградба на високотехнолошки индустриски парк и центар за развој на вселенски и одбранбени технологии во Доброславци, јавува Инфо-центарот на бугарското министерство за одбрана.
Проектот предвидува создавање индустриска зона насочена кон вселенски технологии, истражување и развој, како и кон одбранбената индустрија.
Според Владата, иницијативата треба да го поттикне технолошкиот развој, трансферот на знаење и привлекувањето стратешки инвестиции во сектори со висока додадена вредност.
Од бугарската Влада нагласија дека меморандумот има рамковен и необврзувачки карактер и не создава финансиски или инвестициски обврски за страните. Документот не предвидува ниту располагање со државен имот.
Конкретните обврски ќе бидат утврдени со дополнителни договори, кои ќе се склучуваат во согласност со важечкото законодавство.
Бугарската Влада очекува проектот да ја зајакне позицијата на земјата во областа на вселенските технологии и одбранбената индустрија, да ја зголеми конкурентноста на економијата и да отвори нови работни места за висококвалификуван кадар.

