Во Софискиот универзитет ќе биде отворен Институт за словенско-византиски проучувања
Бугарската Влада го одобри отворањето на Институтот „Центар за словенско-византиски проучувања ‘Проф. Иван Дујчев’“ како посебна единица во рамките на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, соопшти владината прес-служба, пренесува БТА.
Новиот институт ќе биде насочен кон научни истражувања на средновековното културно наследство на Балканот, вклучително историјата, археологијата, книжевноста, уметноста, словенско-византиските културни традиции и историската меморија на балканските заедници.
Со неговото формирање се очекува да бидат проширени истражувањата во областа на медиевистиката и хуманистичките науки, како и активностите поврзани со реставрација и конзервација. Предвидено е и осовременување на работата на научниците и подобрување на обуката на докторандите и младите истражувачи.
Според бугарската Влада, институтот треба да прерасне во водечки научноистражувачки центар за проучување на средновековното книжевно наследство, политичката и културната историја на Балканот, како и на манастирските центри, храмовите и книжевните практики од тој период.
Во јуни беше одбележана 40-годишнината од основањето на Центарот за словенско-византиски проучувања „Проф. Иван Дујчев“.
