|

Спасовски заедно со бугарскиот заменик министер за внатрешни работи Венцислав Катинов на демонстрација на заедничка вежба на специјалните антитерористички единици од двете држави

„Денеска, во Охрид се одржа демонстрација на Оперативно-тактичка вежба „ХАРПУН 2022” од страна на припадниците на Специјалната Антитерористичка Единица „Тигар“ од МВР на Република Северна Македонија и Специјалниот одред за борба против тероризмот од МВР на Република Бугарија, во содејство со Одделот за воздухопловни единици при МВР на Република Северна Македонија.

ХАРПУН 2022 претставува приказ на решавање на заложничка ситуација од терористичка група од вода, копно и воздух. Ова е втора заедничка демонстрација на вежба од ваков вид за оваа година, а првата се одржа во јуни 2022 година во Софија.

На вежбата присуствувавме заедно со заменик министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Венцислав Катинов, по што остваривме работен ручек на кој заеднички се согласивме дека ваквите заеднички активности треба да станат одржлива практика бидејќи придонесуваат за развој и зајакнување на директни и редовни контакти и продлабочување на практично ориентирана интеракција во борбата против терористичките закани.
Ова е особено важно и за двете земји, бидејќи како соседни земји и Република Бугарија и Република Северна Македонија се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици и тие бараат заеднички напори.

Ги оценивме високо односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во областа на внатрешните работи, со уверување дека активниот и отворен дијалог ќе продолжи и ќе се надградува и во иднина, обединети околу потребата од проширување на професионалните контакти за сите прашања од заеднички интерес“, напиша министерот Спасовски на својата официјална facebook страна.



Слични Објави