| |

Бугарија пушти во работа еден од најголемите батериски системи за складирање енергија во Источна Европа

Бугарија направи значаен исчекор во модернизацијата на енергетскиот сектор со официјалното пуштање во работа на еден од најголемите самостојни системи за складирање електрична енергија со батерии (BESS) во Источна Европа. Инсталацијата е лоцирана во комплексот на ТЕЦ „Марица Исток 3“, во регионот на Стара Загора, користејќи ја постојната електроенергетска инфраструктура, јавува БГНЕС.

Проектот „ContourGlobal Maritsa BESS“ располага со моќност од 202 MW и капацитет од 500 MWh и веќе активно учествува на националниот електроенергетски пазар, придонесувајќи за балансирање, флексибилност и сигурност на системот.

„Ставањето во функција на оваа независна система за складирање енергија е гаранција за енергетската безбедност на Бугарија. Проектот покажува како, со поддршка на државата, иновациите и современите технологии можат успешно да се комбинираат со постојната индустриска инфраструктура“, изјави министерот за енергетика Жечо Станков.

Тој нагласи дека Бугарија испраќа јасен сигнал дека е фактор на енергетска стабилност во Југоисточна Европа и потсети дека земјата се утврдува како балансирачка моќ на Балканот. „Со воведувањето на батериски технологии достигнавме капацитет за складирање споредлив со ПАВЕЦ ‘Чаира’ – околу 5.000 MWh, а до средината на годинава очекуваме најмалку 15.000 MWh“, истакна Станков.

Проектот е финансиран од Европската унија преку механизмот NextGeneration EU во рамки на Националниот план за закрепнување и отпорност. Со неговата реализација, Бугарија дополнително ја зацврстува позицијата на регионален лидер во примената на иновативни енергетски технологии и во изградбата на посигурен и поодржлив енергетски систем.

Слични Објави