Бугарија, Романија и Молдавија заеднички ќе ги промовираат своите вина под мотото „Богатствата на Истокот“
Бугарија, Романија и Молдавија ги здружуваат силите за големо заедничко претставување на своите вина на меѓународната сцена под мотото „Богатствата на Истокот“ (Treasures of the East), јавува Радио Бугарија. Трилатералната иницијатива има цел да ги претстави соседните земји како единствен и конкурентен вински и туристички регион на европската и светската мапа, соопштија организаторите од Vinul.ro – најстарото романско издание специјализирано за вино.
Настанот ќе се одржи од 2 до 4 октомври во Крајова. Тој е поврзан и со нова иницијатива во рамките на „Наградите за високи достигнувања на Vinul.ro“, кои за првпат го отвораат својот натпревар и за вина од Бугарија и Молдавија.
Наградените вина ќе бидат вклучени во меѓународната селекција „Богатствата на Истокот“ и дополнително ќе бидат промовирани во Романија и на европските пазари.
Во програмата е предвиден и бугарско-романски деловен форум, на кој ќе се разговара за можностите за влез на романскиот вински пазар, за прекугранични франшизи и партнерства. Планирани се и средби со производители, туристички оператори, медиуми и инфлуенсери, пренесува БТА.
За бугарските винарници, производители и туристички организации настанот претставува можност за директен пристап до еден од најголемите потрошувачки пазари во регионот и до публика од околу пет милиони луѓе од двете страни на Дунав.
