| |

Илинден- вечната борба во нас и со нас

Владимир Перев

1. 
Секогаш ми било тешко да пишувам за Илинден. Мојата генерација бевме “деца на Радиото“ и на секој Илинден, на 2-ри август ги слушавме глупавите новинарски текстови и бескрајните, секоја година идентични еден на друг, илинденски говори на македонското раководство. Мислам дека една година на чествувањето дојде и Јосип Броз Тито и одржа некаков говор, ама никој на тоа не се сеќава. Ситуацијата во моето семејно опкружение беше уште понејасна. Татко ми и неговите пријатели за Илинден се облекуваа во најубавите алишта и одеа во црквата “Св. Благовештение“ во Прилеп, за кратко да присуствуваат на божјата служба, да запалат свеќи во чест на загинатите на Мечкин камен и Слива во Крушево, да промрморат нешто за “комунистичките фалсификатори на историјата“, за потоа околу пладне да постојат малку на пазарот и да проговорат за херојските времиња на Првата светска војна, кога “на нож ги десеткувале англо-френците“. Беа горди на себе си и своето дело. 

Во семејството на баба ми, ситуацијата беше многу по тиха и воздржана. Баба ми Фанија-Фанка, беше потомок на две големи семејства, прилепските Грашеви и битолско-прилепските Бадеви. Беше жестока, закоравена бугарка и јас, сѐ до моите студентски денови се плашев од нејзиниот остар и пронизителен поглед на студените црни очи кои ме потсеќаа на сопствените глупости и моите животни грешки. Додека Грашевото семејство и име опстоија, трагедијата и заборавот го прекри  Бадевото племе.  

2. 
Дедо ми Ицо-Христо Кузманов беше псалт во црквата “св. Богородица“ во Битола и таму одеше секоја недела. Баба ми Фанка (Фанија) не одеше често в црква, а на празници кога мислеше дека треба да се оди, ме земаше мене со неа. На секој Илинден одевме пред крајот на службата, за баба ми потоа да запали свеќи за “живите и мртвите“, а на излегување да подели пари и храна на просјаците пред црква. Тоа беше ритуал, секоја година. Просјаците ја познаваа и не се туркаа да дојдат до неа, знаеја дека ќе добијат некоја пара и дарение. Дојдете да ви дадам, ќе им речеше баба ми со насолзени очи, а тие доаѓаа, се наведнуваа и ѝ бакнуваа рака на таа престарена насолзена жена обелечена по градски, со чкепе и прцле. 

3. 
Мајка ми никогаш не ги запозна првите двајца вујковци од Бадевото семејство. Најстариот Иван Бадев, во навечерието на Илинденското востание бега од дома, ја напушта гимназијата и заминува за Смилево како член на четата на Георги Сугаре. Тој е знаменосецот на четите, на  востанието и воедно, првата жртва на Илинден. Народот во Битолско го воспеал во песна. 

Вториот вујко, Александар Бадев е член на ВМРО на Иван Михајлов и меѓународен курир на Организацијата. Во средината на дваесетите години е уапсен од српската полиција, измачува и убиен во затворот Главњача во Белград. За да ги прикријат трагите, србите го фрлаат неговото тело на шините на железничката станица Смедерево. Не биле сигурен кој е, па баба ми Фанка била повикана во полицијата во Битола за да го идентифицира неговото унакажено тело…го препознала и се онесвестила во самата станица. 

Третиот вујко Јордан Бадев, познтиот бугарски литературен критичар и публицист, мајка ми го запознала веднаш по 6-ти април 1941 години. Пристигнал во Битола со кола, заедно со Данаил Крапчев, уште пред доаѓањето на бугарските војски. Потоа ја поканил мајка ми Елена кај нив и кај другите роднини, на гости во Софија. Тоа познанство траело кратко, сѐ до 9-ти септември 1944 година, кога комунистичкиот злосторник Руси Христозов го приведува во просториите на бугарската Државна сигурност, го измачува и на крајот го убива, бесејќи го на некаква греда. 

На ниту еден од нив не им се знае гробот, местото на нивниот вечен покој…

4. 
За нас Попови, велеше татко ми Харалампи Перев, Илинден е Христо Силјанов, Илинден е бескрајната борба за слобода и единство на бугарскиот народ. Битието, суштината на таа борба е Илинден, поетиката на борбата, саможртвата и смртта.  Не е тоа лажниот Манифест од Крушево или празните говори на македонските политичари, Илинден е народот од Македонија, Стара Бугарија и Одринско. За мајка ти и баба ти Фанија, Илинден е бескрајна семејна трагедија која во продолжение од четириесетина години, го сотрела речи си целото племе. Ние се боревме и во наредните војни, па дури и на спротиставени страни, но тие останаа без никого, немаа одново шанса за хероизам. На баба ти и останаа само солзите! 

5. 
Денес во Северна Македонија се загуби почитта кон Илинден, неговото дело и дадените жртви. Нивниот хероизам остана на празните приказни на Мечкин камен и тврдењата за тоа “кој сака да ни го земе празникот и идентитетот“. Така, од празник на единството на еден народ, тој се претвори во инструмент на омраза кон Бугарија и бугарскиот народ, занемарувајќи ја вистината дека ние тогаш, како и сите револуционери бевме дел од тој бугарски народ. Илинденското востание е едно и единствено, подигнато со решенијата на Смилево во мај 1903, потоа со решенијата на Петрова нива и борбите на Странџа и Одринско на “Св. Преображение“, како и Крстовденските борби во Костурско и нивната независна територија во Невеска и Клисура. На Гоце Делчев, уште пред мајското решение во Смилево, како водач на ревизионата чета на ВМРО му било понудено тој да го води востанието во Одрински, но Гоце одбил и се заложил лидер во борбите таму да биде Михаил Герџиков. Да, некои знаат дека Гоце на Герџиков баш таму, каде му го доверува востанието во Странџа, му ја остава и својата сакана вереница Јанка Каневчева, да бидат заедно “ако нешто меѓу нив се роди“. Му ги оставил своите две големи љубови, Јанка и Востанието. 

6. 
Македонија е опепелене, опожарена, убиена и силувана од Османлиските војски и башибозуците со нивните суровости. Бројките се познати е нема потреба да се повторуваат. Но, Востанието ја менува демографската карта на бугарите на Балканот, а река од 80 илјади бугари заминуваат за слободното Књажевство во потрага по мир, слобода и правда. Таму се примени како најблиски, како браќа по род и крв. Комунистичката номенклатура кај нас не го забрани Илинден како што било во српското, кралско време. Таа го замени со Илинден 1944 година, за уште еднаш да изврши погроми врз македонската/бугарската интелектуална елита преостаната од времето меѓу двете светски војни, за конечно да ја обезличи идејата за слобода и единство, раздвојувајќи ги тие два поими по проверениот сталинистички терк. 

7. 
Пријател од Софија деновиве ми ја испрати малку познатата кај нас песна на релативно непознатиот (кај нас), но велик бугарски поет и дипломат Теодор Трајанов (1882-1945 год),  насловена “Илинденска химна“. Иако е роден во Бугарија, семејството на Трајанов потекнува од Македонија – тој по мајка е од Велес, а по татко од село Кожле, скопско. Од Кожле е и големиот македонски поет, писател, публицист и дипломат Гане Тодоровски, од семејство на илинденски војвода. Двајцата се поети и писатели, двајцата имаат дипломатска кариера, но силата на Трајанов е во неговото револуционерство, неговиот непомирлив дух и неговата лична храброст како учесник во војните за Македонија и обединување,  во четата на Христо Чернопеев. И двајцата играат шах, но Трајанов е шахист од висок калибар, еден од ретките кои играл нерешено со Алехин. Веројатно најсилниот симболист на Бугарија, Трајанов во песната се одликува со силен, бунтовен дух, поет кој во националното единство го бара патот кон иднината. Уапсен е од бугарската комунистичка полиција веднаш по 9-ти септември 1944 година и измачуван од злосторникотЛев Главинчев. Од теророт му пукаат двете очни јаболка и слеп е исфрлен на споредните простории на некоја болница. Веќе е болен од рак, умира на 15 јануари 1945 година. Може да се каже дека и тој е жртва на болшевиците од Вторииот Илинден и непомирливоста во двете држави кон бугарскиот патриотизам. Неговата “Илинденска химна“ е апотеоза на идејата и борбата за слобода, за единството на борците, па макар и паднати во различно време. Оваа песна е запалената свеќа на жртвите на Илинден 1903/1944 година и на непомирливата жед за слобода. 

Жртвите на Илинден 1903 и 1944 година, треба да го најдат својот спокој!

Вечна им слава! 

ИЛИНДЕНСКИ ХИМН

Развейте знамена свещени –
В скръбта ни Охрид син сияй,
Сърцето майчино зове ни
Из гроба чер на родний край.

Да пламнат в жилите огньове –
Кръвта на горди праотци,
Да снемем срамните окови
От живи и от мъртавци! 

Поличба над врага витае
От Шар до белия Егей;
Победа Вардара вещае,
За гибел вражеска ни пей!

О, майко, идем ний най-верни
На стража – твойте синове;
Под робските одежди черни
Сърце свободно те зове!

Не меч, а мълнии небесни
В десница с
ярост да блестят;
В гнева на бойните ни песни
Сълзите робски ще горят.

Слични Објави