Ковачев по победата на Маѓар: Искрено се надевам Унгарија да ја преиспита поддршката за антибугарската реторика на Скопје
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја поздрави убедливата изборна победа на партијата „Тиса“ во Унгарија, оценувајќи ја како силен сигнал за политичка промена во земјата и пошироко во Европа.
Ковачев изрази очекување дека новата власт во Будимпешта ќе ја преиспита досегашната политика кон Северна Македонија, особено во делот на, како што наведува, поддршката за „антибугарска реторика и активности на Скопје“.
Според него, со години Унгарија давала поддршка, вклучително и финансиска, за пропаганда која била насочена против Бугарија. „Искрено се надевам дека сега Унгарија ќе ја преиспита својата политика“, порачува Ковачев.
Тој оценува дека резултатите од изборите покажуваат дека унгарските граѓани избрале „пат на демократија, европски вредности и добрососедство“, што, според него, отвора можност за промена и во односите во регионот.

