| |

Бугарија се приклучи кон заедничката изјава за Ормускиот проток

Бугарија, која не учествува во воените дејства на САД и Израел против Иран, се приклучи кон заедничката изјава на Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Нидерландија, Јапонија и Канада во врска со Ормускиот проток, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, пренесува БГНЕС.

Во декларацијата се истакнува подготвеност за учество во напорите за гарантирање на слободата на пловидба и за стабилизирање на енергетските пазари.

„Се приклучуваме кон изразената позиција, во која се осудуваат неодамнешните напади врз невооружени трговски бродови во Заливот, како и врз цивилна инфраструктура, вклучително и нафтени и гасни објекти, што практично доведе до затворање на Ормускиот Проток“, наведуваат од Министерството.

Од таму изразуваат загриженост за ескалацијата на конфликтот и повикуваат на прекин на поставување мини и други активности што го попречуваат трговскиот сообраќај.

„Безбедноста на морињата и слободата на пловидба се од корист за сите држави, вклучително и Република Бугарија“, се додава во соопштението.

Министерството ја поздравува и подготвеноста на сојузничките држави да придонесат за безбедно поминување низ Протокот, како и одлуката на Меѓународната агенција за енергија за стабилизирање на пазарите преку ослободување на стратешки резерви на нафта.

Слични Објави