| |

Унковски со прва режија во Бугарија- во Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, ќе биде поставена комедијата „Скржавецот“ по Молиер

Режисерот Слободан Унковски ги започна репетициите на својата прва претстава поставена во Софија „Скржавецот“ по Молиер. Претставата ќе биде поставена на сцената на Народен театар „Иван Вазов“ во Софија, премиерата се очекува кон крајот на мај.

Претставата, со учество на околу 30 актери, е меѓу најголемите проекти на театарот оваа сезона и ќе ги поврзе класичната комедија со современи теми за парите, моќта и човечките односи. Во спектаклот ќе земат учество актерите од трупата на Народниот театар Георги Мамалев, Валентин Ганев, Ненчо Костов, Михаил Петров, Александра Свиленова, Мартин Димитров, Ева Тепавичарова, Параскева Џукелова, Ирина Митева, Софија Бобчева, Христо Терзиев, Јавор В’лканов, Иван Николов, Мартина Пенева, Александар Тонев, Кремена Славчева, Васил Драганов, Александар К’нев, Владислава Николова, Христо Чешмеџиев, Гергана Змијчарова, Антонија Кундакова, Дарина Радева, Дејан Ангелов, Дарин Ангелов, Слав Бистрев, Жорж Паликарски, Николај Казаков, Ивајло Флоров.

Творечкиот тим на претставата ги вклучува Светлана Панчева и Георги Куфов, драматургот Дијана Колоини, сценографот Миодраг Табачки, костимографот Александар Ношпал, композиторката Ирена Поповиќ Драговиќ и кореографката Антигона Гира.

Директорот на театарот Васил Василев изјави: „Со овој проект Народниот театар повторно ја потврдува својата амбиција да спои силен ансамбл, меѓународни имиња и големи сценски проекти – формула што ја претвора секоја нова премиера во долгоочекуван културен настан“.

Комедијата „Скржавецот“, напишана во 1668 година, е едно од најпознатите дела на Молиер, а ова е прва режија на Унковски во Бугарија.

Слични Објави