Бугарија со национален штанд на Саемот на книгата во Лајпциг
Бугарскиот амбасадор во Германија Григор Порожанов и директорот на Бугарскиот културен институт во Берлин Борислав Петранов учествуваа на отворањето на Саемот на книгата во Лајпциг, каде Бугарија се претставува со национален штанд, организиран од Министерството за култура, јавува БТА.
Порожанов се сретна со директорката на саемот Астрид Бемиш, при што изрази „силна поддршка на предлогот Бугарија да се вклучи како земја-партнер на иницијативата во 2029 година“, истакнувајќи дека германскојазичниот книжен пазар станува сè подостапен за бугарските автори.
На настанот, бугарската делегација беше поздравена од извршниот директор на саемскиот комплекс Маркус Гајзенбергер. Амбасадорот се сретна и со министерката за култура на Косово, Саранда Богујевчи, со која разговараше за иницијативата „Традуки“, како и со писателот Миленко Јерговиќ за предизвиците на современата балканска литература.
Дополнително, беа одржани разговори за поставување спомен-плоча на Иван Богоров во Лајпциг и за бугарското претседателство со Дунавската стратегија. На саемот учествуваат и повеќе бугарски автори и издавачи, а беше изразена и поддршка за кандидатурата на Бургас за Европска престолнина на културата 2032 година.

