Бугарија со најмногу златни медали од меѓународните олимпијади по лингвистика
Бугарија е на прво место во светот по бројот на златни медали од олимпијадите по лингвистика. Бугарските средношколци лингвисти освоија четири награди на 20-тата Меѓународна олимпијада што се одржа во Банско.
Константин Георгиев со своето познавање на јазикот Сутире освои златен медал на Олимпијадата по лингвистика:
„Задачата се однесуваше на системот на броеви на јазикот Сутире, кој се зборува во Африка. Најтешкото нешто во оваа задача е што тие не бројат во десетици, каков што е случајот со бугарскиот, на пример 10, 20, 30. но тоа го прават преку дваесетици. Целото поле на лингвистиката е употребата на логиката, потрагата по конзистентност и решавањето на разни загатки“.
„Во лингвистичка задача најчесто има текст на јазик што решавачот не го знае и превод на јазик што го разбира. Врз основа на овој текст се очекува ученикот да извлече заклучоци за тоа какви појави постојат во тој јазик“, вели Александар Велинов – раководител на Националниот тим за лингвистика.
Златниот медал на Константин, освоен во конкуренција со претставници на повеќе од 40 земји, носи злато и за Бугарија. Со тој медал Бугарија успеа да ги претекне САД и Русија.
„Успесите на Бугарија се многу големи. Имаме вкупно 79 медали од сите меѓународни олимпијади, од кои 23 се златни. Во Бугарија во последно време многу се развива лингвистиката. На државниот натпревар обично доаѓаат околу 250 средношколци, а само за споредба, пред 10 години оваа бројка беше 130, 140“, рече уште Александар Велинов.
Младите бугарски лингвисти веќе се подготвуваат за Олимпијадата во Бразил во 2024 година.