Бугарија станува клучна потпора за романскиот електроенергетски систем
Романија мора да го зголеми увозот на електрична енергија, вклучително и од Бугарија, откако сушата и рекордно нискиот водостој на Дунав доведоа до запирање на двата реактора на нуклеарната централа „Црнавода“, јавува БГНЕС.
Првиот блок беше исклучен од електроенергетскиот систем на 28 јули, а поради натамошното намалување на нивото на реката е запрен и вториот. Двата реактора имаат моќност од по 700 MW и при нормална работа обезбедуваат околу 20 отсто од управливото производство на електрична енергија во земјата.
Според прогнозите на романскиот Национален институт за хидрологија, протокот на Дунав кај Базиаш во периодот од 12 до 19 август ќе изнесува околу 1.350–1.400 кубни метри во секунда, далеку под августовскиот повеќегодишен просек од 3.900 кубни метри.
Недостигот се надоместува со производство од ветерници, хидроцентрали, системи за складирање и увоз. Романија располага со прекуграничен капацитет од околу 4.000 MW, а увозот од Бугарија веќе помогнал во одржувањето на рамнотежата меѓу производството и потрошувачката.
„Ако веќе не можеме да сметаме на ветерот, тоа ќе ја усложни ситуацијата. Ако не можеме да увезуваме толку електрична енергија од Бугарија, положбата повторно ќе се усложни“, предупреди енергетската експертка Евгенија Гусилов.
Повторното пуштање на реакторите ќе зависи од нивото на Дунав, при што романските власти нагласуваат дека нуклеарната безбедност останува приоритет.
