Бугарија учествуваше на меѓународната вежба за крајбрежна стража „Black Sea 2026“ во Романија
Бугарија учествуваше на меѓународната вежба „Black Sea 2026“ во Констанца и во романските територијални води, соопшти бугарската Главна дирекција „Гранична полиција“, пренесува БТА. Вежбата, одржана на 13 и 14 август, била координирана од Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Frontex.
Во активностите учествувале крајбрежни и гранични структури од Бугарија, Романија и Турција, со цел подобрување на оперативната соработка и подготвеноста за заедничко дејствување при сложени ситуации на море.
Во практичниот дел биле вклучени бугарски и романски полициски бродови, брод на турската Крајбрежна стража со хеликоптер, како и брод на романската Воена морнарица и хеликоптер на романската разузнавачка служба.
Екипите вежбаа запирање и совладување пловен објект што претставува закана, ослободување заложници и операција за пребарување и спасување лица во опасност на море.
Според бугарската „Гранична полиција“, првото учество на брод на турската Крајбрежна стража заедно со силите на Бугарија и Романија е „важен чекор за продлабочување на регионалната соработка“ во морската гранична безбедност и борбата против прекуграничниот криминал во Црното Море.
Бугарија, Романија и Турција од крајот на 2024 година соработуваат и во заедничка група за расчистување пловечки мини во Црното Море.

