| |

Бугаринот Георги Иванов е меѓу номинираните на филмски фестивал за вештачка интелигенција: Мојот филм има 600–700 кадри и многу човечки труд

Филмовите создадени со вештачка интелигенција веќе имаат свој фестивал. „Higgsfield Global Film Festival“ располага со награден фонд од еден милион долари.

„Higgsfield“ е платформа за создавање содржини со вештачка интелигенција. Нејзините основачи организираат и фестивал за филмови создадени со нивните алатки. Филмовите треба да траат повеќе од три минути, додека препорачаното максимално времетраење е пет минути. Учесниците имаат целосна слобода во изборот на жанрот и темата. Единствените ограничувања се филмовите да бидат изработени целосно на платформата „Higgsfield“ и да не содржат лица и гласови на вистински луѓе. Сите гласови, музиката и звучните ефекти мора да бидат генерирани со вештачка интелигенција.

На фестивалот има и бугарски учесник — Георги Иванов со филмот „This isn’t art“ („Ова не е уметност“). Идејата на филмот е дека во секоја епоха, кога се појавувало ново откритие поврзано со уметноста, скептиците велеле дека тоа не е уметност. Благодарение на поддршката од публиката, филмот е номиниран и влезе во потесниот избор на жирито, јавува БГНЕС.

За БГНЕС, Иванов раскажа дека за создавањето на проектот ги користел најновите модели на вештачка интелигенција.

„Буџетот за четири минути изнесува околу 200 долари“, сподели авторот.

Содржините создадени со вештачка интелигенција често се критикуваат затоа што, според критичарите, не бараат труд. Меѓутоа, Георги Иванов има поинакво мислење:

„Секако, постои и лесен начин. Мојот филм има околу 600–700 одделни кадри, слики и други елементи за кои сум размислувал како да ги направам. Сè обоив на специфичен начин, бидејќи во спротивно секој кадар ќе имаше различна боја. Сам ги избирав боите, боев, монтирав… Мојот филм е јавно достапен и секој може да ги види текстуалните инструкции што ги користев, од кои повеќето ги напишав самиот. Генерално, има доста човечки труд“.

Сепак, тој не негира дека вештачката интелигенција сè уште има свои недостатоци.

„Речиси е невозможно да изгледа како да глуми вистински човек. За обучување се користат вистински актери и филмови, но сè уште не можам да кажам дека изгледа целосно реално. На моменти е многу бездушно и тоа сè уште не може да се поправи. Исто така, многу е опасно, бидејќи често не се знае кој го создава тоа. На ваквите фестивали сè е јавно, но на интернет може да се објавуваат содржини за кои не е јасно од кого и како се направени“, коментира Иванов.

Сепак, тој смета дека вештачката интелигенција ќе продолжи да се развива и сè повеќе ќе навлегува во филмската индустрија:

„Во моментов во САД се прават обиди за создавање долгометражни филмови. Мислам дека во иднина филмовите создадени со вештачка интелигенција би можеле да добијат посебна категорија при доделувањето награди, што би било многу интересно“.

Жирито на фестивалот „Higgsfield“ го сочинуваат познати и наградувани личности од филмскиот свет, меѓу кои се Едвин Катмул, коосновач на студиото за анимација „Pixar“, Федон Папамајкл, кинематограф со две номинации за „Оскар“, Пол Андерсон, режисер на „Mortal Kombat“ и „Resident Evil“, како и режисерот Алекс Пројас.

Слични Објави