Генерал Радев војвода

///

Пишува: Атанас Величков

На 1 март 1919 г. членовите на Централниот комитет на ВМРО Тодор Александров и Александар Протогеров испраќаат Мемоар на ВМРО до Париската мировна конференција со молба на истата да земе учество и делегација на Организацијата за да ги претстави барањата на бугарското население во Македонија.

Оригиналниот текст на Мемоарот е напишан на француски јазик и е испратен до претседателот на конференцијата францускиот премиер Жорж Клемансо.

Во документот на ВМРО меѓу другото стои:

„Господине Претседател,

Македонското прашање е во основата на балканските конфликти. Тие се една од причините за несреќите, што ги погодија сите цивилизирани народи во Европа. Сите овластени гласови досега се едногласни дека, додека не се реши на вистински начин македонското прашање, нема да има мир на Балканот. Тоа правилно решение може да се случи, ако на Балканот се применат принципите на претседателот Вилсон. Големата војна придонесе во одредена смисла да се констатира бугарскиот карактер на македонското население, а исто така да се видат и неговите политички аспирации: сите народи што војуваа, можеа да го видат тоа население во неговата сопствена земја, макар и во најнепогодни за него услови.

Македонското население сака да ја зачува Македонија неделива и по никаков начин да не се остава под власта на Србија и на Грција.

ВМРО очекувајќи од големиот аеропаг на светската совест, праведно решавање на македонското прашање, ги има прибрано своите знамиња, но потпирајќи се на своето минато, исполнето со непосилна борба, за самоопределувањето на Македонија, во името нејзините жртви и во името на принципите, обелоденети од победничките сили, ја замолува Почитуваната мировна конференција, да биде дозволено учество и на нејзина делегација за да ги претстави пред неа аспирациите на македонското бугарско население.

1. март 1919 г. Претставници на ВМРО

Александар Протогеров

Тодор Александров“

Вчера на 6 октомври 2021 г. во Брдо кај Крањ на самитот ЕУ-Западен Балкан по повеќе од 100 години по испраќањето на овој мемоар, гласот на македонските Бугари се слушна повторно, овој пат преку јасната порака на бугарскиот претседател генерал Румен Радев. Шефот на бугарската држава на средбата со германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на РС Македонија Зоран Заев, истакнал дека Скопје ќе добие „зелено светло“ за почеток на преговорите за влез во ЕУ, ако даде јасни и обврзувачки гаранции дека ќе биде прекинат процесот на дебугаризација во земјата, ќе се почитуваат правата на македонските Бугари и ќе се прекине говорот на омраза насочен кон Бугарија и Бугарите.



Во случајот не се работи само за луѓето што имаат бугарски државјанства, туку и за оние луѓе кои се чувствуваат како дел од бугарското етничко ткиво во РС Македонија, но не поседуваат бугарски патни исправи.

Радев го кажа тоа што многу македонски Бугари го мислат и сакаат да стане реалност. Отворено, точно и одлучно, како што му доликува на еден бугарски генерал. Топката од поодамна е во полето на РС Македонија и крајно време е истата да смисли како да поентира на европски начин. Ако се разбира се најде некој јунак, што нема да ги користи мантрите дека „ако ЕУ не ги „собере“ земјите од Западен Балкан, тоа ќе биде искористено од трети сили“.

Се бара јунак во РС Македонија, кој ќе може да му парира на генерал Радев војвода. Инаку нашата земја ризикува уште долго време да стои во предсобјето на ЕУ со симнати чевли и искинати чорапи во пределот на големиот прст. Ако не се најде јунак, уште долго време премиерот на РС Македонија без разлика на неговото име и политичка партија ќе го гледаме како скршено проповеда некаков европеизам додека глуми изненаден дека токму Бугарија не сака да си ги затвори очите пред манипулациите и тоновите лажни ветувања, дадени од македонска страна токму во Софија.

Си велам дека и непоправлив оптимист како што самиот Заев се нарекува, не би можел да очекува промена во бугарската позиција, бидејќи ете на спомениците ширум државава немало да пишува „бугарски“ пред „фашистички окупатор“. Потребно е многу повеќе и Радев тоа јасно го истакна. На политичката елита во РС Македонија и останува само да биде биде разочарана и да брани нешто што никој не го оспорува-современиот македонски идентитет. Замислен непријател со замислени барања со кого да се бори онака од предизборна кампања до предизборна кампања. Игра за ситни поени, додека земјата тоне во криминал, корупција и анархија.

За да бидам објективен до крај, еден дел од македонските Бугари, оние „адвокатите“ на Заев по „струмичка линија“ не останаа импресионирани од цврстиот став на бугарскиот претседател. Тие упорно верглаат дека Бугарија требало да попушти и покрај целата негативна кампања организирана од министерот за европска интеграција Никола Димитров низ европските метрополи и наоѓаат утеха во неколку неолиберални снобови од Софија, кои патат од преголема самодоверба и си мислат дека се повикани да го дадат последниот и што најважно правилниот збор. На „адвокатите“ не им останува ништо друго освен да се „крстат“ во притисокот што се вршел врз Бугарија. Изгледа не знаат дека бугарските генерали се најопасни кога се под притисок.

Во една своја колумна нашиот драг пријател и соработник Владимир Перев напиша дека ќе дојде ден во кој Скопје ќе ги бара назад поранешната прва дипломатка на Бугарија Екатерина Захариева и поранешниот министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов. Денот за којшто пишуваше Перев дојде вчера со сите карти на масата. Прашањето е што ќе понуди како одговор власта во Скопје. Веќе видовме дека одговори од типот на оној што го даде МНР за сменетиот надгробен споменик во селото Клепач не вршат работа.

Бугарскиот претседател генерал Румен Радев ќе остане во историјата, како човек, кој одлучно застанал во одбрана на бугарштината во РС Македонија. Тоа нема да му биде простено од „разочараните“, но и не треба. Ако тие започнат да го фалат, значи некаде погрешил.

Ќе се најде ли јунак да излезе во отворена борба со генерал Радев војвода?

Нема! Во гарнитурата што моментално е „разочарана“ од него, нема јунаци. Има само случајно собрани луѓе, кои во трката по задоволувањето на сопственото его, се подготвени и бесплатно да тонат во своите нихилистички бунари.

На хоризонтот веќе се гледа правдата кон сите кои биле убивани, затворани и малтретирани само затоа што одбиле да ги предадат своите претци. Таа правда е знамето, на четата на генерал Радев војвода, а знаме на армија предводена од бугарски генерал, никогаш не било запленувано. Тоа нека им биде како потсетник на сите што си мислат дека некој ќе клекне пред нив.

Претходна статија

Симеонов: Каков компромис треба да направиме Делчев да стане Делчески ли?

Следна статија

(Видео) Каракачанов: ЕУ нема да има никаква корист од проширувањето со РС Македонија

Најново од Истакнато