Бугарите во Хрватска
Пишува: Владимир Перев
Бугарите во Хрватска се една од 22-те национални малцинства, официјало признати во земјата и нотирани во хрватскиот Устав. Нивното присуство на овие територии датира уште од почетокот на 19-от век. Се прославиле со својата работливост и умешност во градинарството, а за нивната ролја во општествениот развиток, пишувал дури и еден Антун Густав Матош.
Последниот попис на населението покажува дека бугарската заедница во Хрватска брои околу 350 души, но со проценка дека околу осум илјади граѓани на Хрватска имаа бугарски корени.
Заселувањето на бугарите во Хрватска почнува уште во времето на средновековието, како начин да се избегне од Османската власт, но тие се одамна асимилирани и нивното потекло може да се најде само во црковните книги и во оние презимиња кои завршуваат на “ев“ и “ов“.
Истовремено, но организирано, во Хрватска се заселува немал број бугари од католичка вероисповед и многу од нив добиваат висок воен и политички статус во Австроунгарија, а некои и благороднички титули.
Вториот навистина голем бран на преселници се случува на почетокот на дваесетиот век, кога огромна маса население од Бугарија, Македонија и Западните покраини, емигрира кон Загреб и Австро-Унгарија, населувајќи се во поречието на Сава и Драва, каде се занимаваат со градинарство. Со себе носат изобилие на градинарски семиња, ги засадуваат на плодната почва крај реките, нудејќи на пазарите дотогаш невидена квалитетна стока. Нивните прекрасно уредени градини, во Хрватска се познати како “бугарије“ или бугарии, а името бугарин станува синоним на секој кој се занимава со градинарство. Не ги имало само во Загреб, бугарите и нивните “бугарии“ можеле да се сретнат и во околностите на Виена, Печуј, Будимпешта, Салцбург и во други градови низ цела Австро-Унгарија.

По Првата светска војна, бугарските бавчованџии го држеле во свои раце околу 80% од прометот со пиперки низ овој дел од Европа. Политичката структура на властите во Македонија и Бугарија, не била поволна за бугарите, специјално по Првата светска војна, па повеќето од нив остануваат во Хрватска и низ другите земји на бившата Австро-Унгарија.
Тоа трае така се до периодот на Втората светска војна, во годините 1941-1944 година, за време на познатата НДХ, на д-р Анте Павелиќ. Тоа е време на најдобрите односи меѓу Хрватска и Бугарија, па благодарение на тоа, околу 500 млади луѓе во тој моменет се на универзитететот во Загреб, каде студираат медицина, право и архитектура. Интересно е да се каже дека во тој момент, на факултетите во Загреб имало повеќе бугари отколку хрвати, што може да се разбере, заради високата бројка на мобилизација на младите во тогавашните оружени сили на НДХ. Повеќето од бугарските студенти се враќаат назад, но извесен број останува во Хрватска, денес повеќето од нив се асимилирани, но неретко си ги знаат своите бугарски корени.
По Втората светска војна, продолжуваат врските меѓу Загреб и Софија, но сега преку студентите од Македонија. Затоа, во Загреб во 1951 година спроведени се масовни апсења на македонски студенти, обвинети за “бугарофилство“ и кој знае уште за што, па така се уапсени 14 души, затворани и малтретирани. Значајни се имињата на некои уапсени. Тука е на пример студентот и подоцна лекар, д-р Аспарух Пописаков, кој емигрира од ФНРЈ и станува во осумдесетите години еден од председателите на Македонската патриотическа организација во САД и Канада, Христо Зојчевски, од Прилеп, братучедата на Лилјана Чаловска, првата жена на Колишевски, Љупка Чаловска, богатиот трговец од Прилеп, Димитар Долговски, Наум Михајлов од Скопје, Илија Рамбабов од Штип и ред други. Треба да се каже дека односите меѓу Бугарија и Хрватска (СФРЈ) биле солидни по 1956-7 година, но се на најниска точка по инвазијата на Варшавскиот пакт на Чехословачка, кога Бугарија, во знак на поддршка на Варшавскиот договор и на СССР, најсериозно ги заладува односите со Југославија.
До 1990 година, граѓаните на Хрватска кои се етнички бугари, немаат право да се изјаснуваат така, туку само како југословени или македонци. Процесот и денес, во слободна Хрватска тлее со своите наследени атрибути од минатото, па многу од етничките бугари, претпочитаат да се наименуваат себе си како хрвати.
Бугарско – хрватските односи порано биле оптоварени со вековно лошите српско-бугарски односи, нешто кое се појавува и во годините по Втората светска војна, во обид на ексјугословенската антибугарска политика, бугарската армија која учествувала (по 09.09.1944 год) во борбите против Третиот рајх и дејствувала на територијата на Хрватска, да биде прикажувана како фашистичка, насилничка и злосторничка. Нештата се менуваат кога новинарката Дијана Гласнова во 2009 година, ја издава книгата “Воини на милосрдието“ (“Ratnici milosrđa”), заснована на документи од хрватските, руските и украинските архиви, како и од лично собраните материјали на нејзините истражувачки патувања низ Хрватска и Бугарија, на лични средби со учесниците на операциите на пробојот на Сремскиот фронт и борбите на бугарската армија кон Берлин. Материјалите во книгата говорат за преднамереното искривување и фалсификување на историја за ролјата на бугарската армија во војната, со тенденциозна антибугарска содржина, без никаква заснованост на факти и документи. Така, се до 2015 година. Бугарската армија била претставувана во конотација која била срамотна, најмногу за оние просрпски/пројугословенски кругови кои биле ангажирани на ширење на антибугарска хистерија низ пространствата на тогавашна Југославија.

Авторката Гласнова низ архивите пронашла бројни сведоштва за хуманите постапки на бугарските воени единици према хрватските цивили и заробеници, што тогаш било спротивно на југокомунистичките митови, насочени кон создавање негативна слика за бугарскиот народ и разбивање на вековните хрватско-бугарски пријателски врски. Во книгата-истражување неспорно се тврди дека бугарските офицери и подофицери, во сите случаи во Хрватска за време на војната, постапувале согласно начелата на Женевската конвенција.
Денес односите Хрватска-Бугарија се на солидно ниво, но бугарската заедница во Хрватска, ќе треба да вложи дополнителни напори за целосно етаблирање на бугарите во Хрватска, сето тоа остварено со помошта на бугарската дипломатија и патриотските невладини организации, како во Хрватска, така и во Бугарија.

