Поплави и критична состојба во општина Царево во Бугарија поради поројни дождови
Поројните дождови што ноќеска го зафатија регионот предизвикаа сериозни поплави во општина Царево, при што беа затворени патишта и извршена превентивна евакуација на жители. Според информациите на БГНЕС, свикан е кризен штаб кој ја координира спасувачката акција и прави процена на штетите.
Најсериозно погоден е патот од планинарскиот дом „Странџа“ до бургаскиот кварт „Крајморе“, кој е целосно затворен за сообраќај поради заглавени возила. Во викенд-зоната „Црниците“ нивото на водата надминува еден метар, што ја прави областа исклучително опасна.
Во текот на ноќта биле пријавени повеќе случаи на поплавени имоти и луѓе во опасност. Во селото Кости е поплавен центарот, а полициски екипи интервенирале на терен. Подоцна, и самиот град Царево бил зафатен од водата, а улиците станале непроодни.
Утрово во 06:30 часот градоначалникот Марин Киров свика вонредна седница на кризниот штаб со цел да се направи процена на штетите и да се организираат понатамошните мерки.
Врнежите во Царево и Лозенец сè уште продолжуваат, иако со намален интензитет. Се вршат обиколки и во селата Велика и Фазаново, додека реката Велека кај Синеморец е во коритото, но останува под внимателен надзор поради очекувано покачување на нивото.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат смирени, да избегнуваат патувања во критичните подрачја и да ги следат упатствата на спасувачките екипи.

