(Видео) Радев: За добрососедство со Северна Македонија мора да се тргне од историската вистина
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, истакна дека за градење односи на добрососедство и заемна доверба со Република Северна Македонија е неопходно да се тргне од историската вистина. Тој говореше на свеченоста во Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ при претставувањето на фототипното издание на „Македонски алманах“ на Македонската патриотска организација, по повод 85-годишнината на оригиналот, јавува БТА.
„За да одиме напред како општество кое ги осозналo своите корени, мора да се темелиме на историската вистина. Овој алманах на категоричен начин ја покажува таа вистина“, изјави Радев.
Тој подвлече дека претседателската институција е силно ангажирана со македонската кауза. „Алманахот претставува исклучително вредно сведоштво за вечната кауза на македонските Бугари во нивните напори низ годините за да ги сочуваат своите бугарски идентитет и јазик. На неговите страници се разгледува една цела епоха со нејзините стремежи, идеи и идеали. Таму се наоѓаат и многу детални податоци за етничкиот состав на населението во овие краишта. Овој труд треба да добие пошироко распространување – политичарите треба да го разгледаат за да видат како се мислело за Бугарија, за бугарскиот корен, дух и јазик, и како тие се бранеле“, додаде Радев.
Фототипното издание е резултат на заедничката работа на Македонската патриотска организација, Македонскиот научен институт и Институтот за историја на бугарската емиграција во Северна Америка. Издавач е издаваштвото „Тангра“.
Првото издание на „Македонски алманах“ било објавено во 1940 година во Индијанаполис, САД. Тоа содржи историски, географски, културни и општествени податоци за регионот Македонија, како и за македонските Бугари емигранти во САД и Канада.
Алманахот претставува своеобразна илустрирана енциклопедија која го одразува животот и стремежите на нашите сонародници преку океанот, како и нивната длабока врска со корените, традициите и духовноста на Бугарите од крајот на XIX и првата половина на XX век, пишува БТА.
