|

Бугарите во Уставот-турската поука

Пишува: Владимир Перев

На 4-ти февруари о.г. една мала група македонци со “бугарско етничко самосознание“, во хотелот “Лимак“ во Скопје имавме средба со Илхан Кјучук, известувачот на ЕП за Македонија. Средбата беше релативно кратка, но интересна и со богата размена на мислења и позиции.
На излезот од хотелот случајно се сретнав со мој стар познаник, потомок на цариградските бугари/македонци, по потекло од Костурско, иначе роден во Истанбул, а сега со стално место на живеење овде, кај нас во Македонија. Тој припаѓа на една мала колонија на македонци/бугари кои се доселени од Цариград во Македонија во последниве десетина години. Продале дел од своите имоти, нешто задржале и заминале ширум светот, а мал дел дошле овде кај нас или во Бугарија, а најмногу заминале за Америка, Канада и Австралија. На моето прашање за нивната визија за “подобриот и побогат живот“, младиот човек ми одговори дека не сака да живее во држава каде “нема ниту еден судија, градоначалник, полицаец или офицер од нивната, т.е бугарската националност“. Не заминуваме дека сме сиромашни, ми вели тој, заминуваме затоа што не сме политички рамноправни, иако секогаш сме биле почитувани како македонски бугари, или воопшто како бугари во Турција. Тие нешта, ми вели пријателот, требало малку да ги “протресете“ во разговорите со г-н Кјучук, макар да, како што вели човекот, мислам дека тој тие работи ги знае подобро од вас. Така, тој подобро ќе ја разбере вашата желба за влез на бугарите во македонскиот Устав.

Во Цариград приказната почнува порано, многу порано. Некаде кон крајот на 18. Век и почетокот на 19. Век поединци и групи од територијата на Отоманската империја кои не сакале да останат во некаква полузакрепостена состојба кај осилените турски бегови, полека заминуваат кон космополитскиот Цариград. Тоа е потрага по слободата и сигурниот живот…тоа и го добиваат во Цариград и Турција станува нивната втора татковина. Некаде кон средината на 19 век во Турција почнува период на Танзиматот кој означува еднаквост на сите граѓани без разлика на нивната вероисповед пред сите турски органи и специјално пред судовите. Тогаш почнува и просперитетот на бугарскиот етнос во Турција. Бугарите не се сами, од Танзиматот имаат полза и Грците и Ерменците кои се де факто староседелци во Цариград и Турција, како и Евреите кои од времето на султанот Бајазид 2. имале посебен, привилегиран статус во Империјата.
Бугарската маса населеница ја сочинуваат пред сѐ млекарите, градинари, коњушари, фурнаџии, бурекчии, сарачи, ковачи и други занимања на слободните луѓе, но со текот на времето неколкумина се издвојуваат со својата позиција, статус, образование и богатство. Едниот е Стефан Богориди, личен пријател на неколку турски владетели, висок сановник во Империјата и гувернер на неколку турски области. Бил многу образован и баснословно богат. Тој е првиот христијанин воопшто, на кого еден турски султан му дошол дома во посета. Вториот е Гаврило Крстевич, високообразован правник, судија во турскиот врховен суд и султанов намесник-губернатор на Источна Румелија во периодот непосредно пред Соединението 1885 година. Покрај бројните бугари од Књажество Бугарија, најбројни се македонските бугари од Егејскиот дел на Македонија, кои бегаат на печалба, не само заради турските насилија во македонските провинции, туку и заради духовниот гнет на Цариградската Патријаршија, слободно практикуван и поддржуван од турската власт на просторите на Македонија. Слободни и здружени тие комуницираат меѓу себе си, како на турски јазик, уште повеќе на она што денес би се нарекло “бугарски јазик“ со целото богатство на дијалектите, како од слободна Бугарија, така и со сите македонски говори, опфајќајки широк спектар на говорно богатство, од Горноџумајско, па се до Охридско и Костурско. Збогатени, образовани, со функции и позиции во Отоманското царство, бугарите/македонците ја започнуваат својата национална преродба. Првиот чин е формирањето на Бугарската Екзархија во 1870 година, за потоа да се учествува и во стварањето на државата во 1878 година. Црквата “Св. Стефан“ во Цариград, позната како “железната црква“ е изградена со донации на сите бугари, а најмногу од македонските бугари, говори за единството на еден народ во борбата за себепрепознавање, како на религиозен план, а најмногу на етнички план. Именувана е на името на Стефан Богориди, најголемиот дарител и највисокиот сановник во Отоманската империја.

Формирањето на ТМОРО/ВМОРО носи трескав револуционерен занес кај македонските бугари во Цариград, но нивните позиции и односи со Империјата воопшто не се начнати. Турската држава препознава во своите закони само поединци или групи-борци, комитаџии или терористи и судството се расправа со нив…нема колективна одговорност на бугарскиот етнос и нештата си врват по својот традиционален, логичен тек. Треба да се напомене дека во тој период најреволуционерниот дел на македоно-бугарското општество во Цариград се македонските бугари од Костурско и таа состојба ќе потрае во еден продолжителен период, речиси до денешни дни.

Нештата се менуваат по Втората балканска војна од 1913 година. Србија и Грција навлегуваат во териториите кои Турција ги смета за свои а ТМОРО/ВМОРО за територии во кои треба да се воспостави нивната власт. Заедничката несреќа, српското и грчкото владеење намтнато врз македоците/бугарите но и врз турците на тие територии, доведува до здружување на четите на ВМРО со турските востаници против српската и грчката власт во Вардарско и Егејско. Резултат на тоа е формирањето на Б’лгаро-турски револуционерен комитет. Од бугарска страна формиран е од претставниците на ВМРО Димитар Мирчев и Александар Димитров, а турската страна е претставена од Есад беј и младотурчинот Чолак Ибрахим беј. Формирани се заеднички чети и тие дејствуваат во Кукушко, Драмско, Дојранско, Радовишко и Штипско. Главен командант на здружените бугарско/македонско-турски чети е војводата на ВМРО Тане Николов.

Првата светска војна отвора нови поглавја во бугарско-турските односи. И двете држави, Турција и Бугарија се на страната на силите на Оската, односно со Германија и Австроунгарија. Така, уште во 1915 година Павел Шатев и војводата Петар Чаулев соработуваат со турските првенци Фуад Балкан и Чолак Ибрахим беј во борбите против Грција и Србија и во познатата Валандовска афера, заради која Коце Ципушев, зетот на Тодор Александров одлежува 19 години во српските затвори.

Ако на екс-југословенските простори Првата светска војна завршува на 1 декември 1918 година, војната меѓу Турција и Грција продолжува да се води на пространствата на Мала Азија уште наредните четири години. Грчките војски пристигаат речи си пред Анкара, но во одлучната битка на 22 август 1922 година, турската војска, под командата на Мустафа Кемал Ататурк, во близина на Ескишехир извојува решавачка победа.
Мустафа Кемал победува и заради тоа што здружените 13 бугарски и 7 турски чети, под раководството на војводата Тане Николов, во Одринска Тракија, некаде пред Деде Агач ги пресретнуваат грчките единици кои одат на помош на грчката војска кај Ескишехир, поведуваат одлучна борба, ги поразуваат и ги принудуваат да се вратат назад кон Солун. Грчката војска во Мала Азија останува без поддршка и тоа го решава крајот на битката. Оваа услуга од ВМРО Мустафа Кемал никогаш не ја заборава.

Фактичкиот крај на Првата светска војна носи и промена во поимот турски граѓанин. Ако дотогаш сите биле еднакви пред законот, по војната ситуацијата е друга. Ерменците преминуваат на страната на руската царска армија, за потоа да се приближат до Црвената револуција и турското население ги смета за нелојални кон нивната држава. Резултат на тоа е одмаздата на турските војски врз цивилното ерменско население, позната како “ерменскиот геноцид“ каде животот го губат над еден милион ерменци. Слична е и состојбата со грчкото население, како во Цариград, така и во Измир и други места на Егејското крајбрежје.
Бугарите и Турците се сојузници во војната, за потоа да се и сојузници во борбите против србите и грците на македонските територии. Бугарскиот етнос во Цариград, како и ВМРО се ценети како лојален сојузник и пријател.

19.Мајскиот преврат во Бугарија во 1934 година означува растурање на ВМРО и опасност по животот на лидерот Иван Михајлов. Тогаш, македонскиот бугарин од Костурско Васил Стумбов го организира минувањето на Иван Михајлов и Менча Карничева во Турција каде и двајцата се извесно време гости во домот на Стумбови на островот Принкипо и од таму во Анкара. Во тоа време неспорен лидер на Турција е Кемал Ататурк, Михајлови го уживаат неговото гостопримство, засновано на неограничената доверба на едните кон другите, потврдена во заедничката борба. Цариградските македонски бугари и Тајната полиција на Ататурк се најсигурните чувари на животот на семејството Михајлови.

Периодот по Втората светска војна носи нови етнички промени. Бројното христијанско население го напушта Цариград, па така од околу 150.000 етнички грци, денес ги има најмногу околу само две илјади, евреите не се повеќе од 25.000, а ерменците се движат некаде околу 50-70.000 илјади настанети во Цариград. Дел од ерменците и сефардските евреи примаат ислам и се претопуваат си турското општество.
Цариградските бугари, претежно од Егејска Македонија денес не ги има повеќе од две илјади. Се сеќаваат на оние славни времиња од борбите за Екзархијата во периодт 1860-1870 година кога нивната бројка била над 20.000 илјади.
Причините на раслојувањето на христијанското и еврејското население од Цариград се многуслојни. По Втората светска војна пораснува религиозната нетолеранција. Таа се чувствува и како етничка нетолеранција кај христијаните, посебно кај грчкото и ерменското население кое се смета за нелојално кон Турција. Од друга страна, државата Израел ги нуди евреите да се населат во Израел, а Америка, Канада и Австралија нудат поволни услови за емигрирање на христијанското население кај нив. Така и македонските бугари ја напуштаат Турција.
Релативно е позната судбината на актерите на бугарско-турската сторија во овој период. Сите знаеме за Мустафа Кемал и неговата реформирана Турција, знаеме и за долговечноста на Иван Михајлов. Основоположниците на турско – бугарските односи за време на Првата светска војна умираат со природна смрт. Публицистот Александар Димитров умира во Софија, а прилепчанецот Димитар Мирчев починал во Сливен, како почитуван бугарски филолог и автор на неколку бугарски граматики и читанки. Неговиот внук, политологот и ексамбасадот на самостојна Македонија во Словенија, д-р Димитар Мирчев почина во Скопје. Во седумдесетите години од минатиот век беше приврзеник на либералното крило на македонскиот Сојуз на комунистите. Васил Стумбов за време на Втората светска војна учествува во формирањето на “Охрана“, познатите контрачети во Костурско за борба против грчките насилници од ПАОК и заштита на тамошното население. Не се знае неговиот крај. Легендарниот Тане Николов ја дочекува бугарската администрација во Македонија и доаѓа овде, да се присети на славните времиња на ВМРО, специјано на битката кај “Ножот“ каде тој командува со здружените чети на ВМРО. Неговиот крај е трагичен-бива обесен од комунистичката бугарска власт во затворот во Асенвград во 1947 година. Браќата Фуад и Кемал Балкан, пријателите на Тане Николов, се основачи на фудбалскиот клуб “Бешикташ“. Остануваат живи и почитувани сред своите.

Некои од нас кои сме родени во Турција, не сакавме да си одиме, ми вели мојот млад бугарско/македонско/турски пријател. Ние тука сме учеле и образувале, турскиот е како наш втор мајчин јазик, ги знаеме обичаите и наравите на турското наеление, тие се наши соседи и најчесто пријатели. Можам да речам, продолжува тој, дека имаше и висок степен на верска толеранција, поточно, никој не ни пречеше во вршењето на нашите обреди или говорењето на јазикот кој го нарекувавме мајчин, а беше смеса на дијалекти од североисточна Бугарија, до крај на југозападна географска Македонија. Но, не бевме дел од власта иако бевме образовани да заземеме секакви високи функции. Бевме “капсулирани“ во приватниот мал бизнис и само толку. Поздравете го од мене нашиот пријател Илхан Кјучук и само нека се присети за положбата на турците во Бугарија за време на “вазродителнија процес“ и пред тоа, па потоа нека пресуди за правото на македонските бугари да имаат свое место во Уставот.

Ако е точно дека Илхан Кјучук “ги знае овое работи подобро од сите нас“ тогаш не би требало да се сомневаме во неговите позиции по однос на македонско-бугарските односи во доменот на правата на македонските бугари. Останува само чесноста- нашата во објективноста и оправданоста на барањата, а неговата -во позициите, како интимните, човечки позиции, така и политичкиот опсег на сознаеното.
Сепак останува често поставуваното и никогаш одговорено прашање: си помислил ли некогаш Илхан Кјучук или бугарскиот премиер Петков, што ќе се случеше ако Македонија беше во ЕУ а Бугарија да бараше прием…одговорот е едноставен-ќе баравме сите бугари да ги протераат во азиските степи…

Слични Објави