Бугарката Ина Сотирова и нејзините филмови со пет номинации за Карипските филмски награди
Бугарската режисерка Ина Сотирова и нејзините филмови добија вкупно пет номинации за првото издание на Карипските филмски награди во американскиот град Вилмингтон, објави Радио Бугарија.
Нејзиниот краткометражен филм „Миризливо манго“ е номиниран за најдобар краткометражен филм, за најдобар актер за улогата на Шелдон Шепард и за наградата за карипско културно наследство. Сотирова е номинирана за најдобар режисер во подем, а нејзиното најново остварување „Сестрите и бурата“ – за најдобар документарен филм.
Документарниот филм на Сотирова е создаден со финансиска поддршка од иницијатива на УНИЦЕФ и Јамајканската асоцијација на филмски и телевизиски работници (JAFTA). Програмата поддржала три краткометражни документарни филмови за последиците од ураганот „Мелиса“ врз жените и децата во Јамајка.
Филмот ја следи приказната на три девојчиња без семејна грижа или одвоени од семејствата поради семејно насилство и други проблеми. Откако ураганот го уништил детското село во кое живееле, тие биле преместени во слична установа во главниот град Кингстон.
„Требаше да го зачуваме во тајност нивниот идентитет. Ова не е типичен документарен филм во кој можете да видите интервјуа со учесниците. Го направивме да наликува на аудиодневник“, изјави Сотирова за Радио Бугарија.
Поради заштитата на девојчињата, екипата не смеела да ги прикаже нивните лица ниту да открие каде се наоѓаат.
„Тоа го претвори филмот во многу поетичен и интимен портрет на овие деца во еден конкретен момент од нивниот живот“, рече режисерката.
Снимањето траело пет дена, а монтажата два месеца. Филмот трае осум минути.
„Осум минути се прават потешко од петнаесет, бидејќи е потребна многу поголема умешност за да се издвои важното“, истакна Сотирова.
Нејзиниот претходен филм „Миризливо манго“ веќе ја доби наградата за најдобра актерска екипа на настанот „Diversity in Cannes“ во Кан, како и признание за иновативно раскажување на фестивалот „Films that move“ во Јамајка.

