Бугарска асоцијација во Северна Америка додели стипендии на деца на емигранти од Бугарија
Асоцијацијата на бугарските професионалци во Северна Америка доделува стипендии на деца на бугарски емигранти, јавува Бугарското национално радио (БНР).
Стипендиите се седум – по 1000 долари секоја. За нив се натпреварувале 38 деца на бугарски емигранти, кои студираат или се примени да студираат на колеџи и универзитети за новата академска година. Кандидатите требало да подготват есеј, да раскажат како се вклучуваат во животот на бугарската заедница и на кој начин мислат дека во иднина можат да ѝ помогнат.
Асоцијацијата на бугарските професионалци е основана пред 5 години и денес брои повеќе од 120 членови – луѓе од различни професии и со различни знаења. Целта е да се обединат Бугарите кои работат во различни сектори во американски компании или имаат свој бизнис во САД, за да разменуваат искуства, да ги охрабруваат и да им помагаат на следните емигрантски генерации во нивната професионална реализација.
Во изминатите 5 години Асоцијацијата има доделено повеќе од 23 стипендии, но тоа не е најважното, вели претседателот на Асоцијацијата Љубомир Крулев:
„1000 долари се симболична сума…, но тие се клучот и врската со Асоцијацијата, што може да ја одржуваат со нас за пронаоѓање работа, за добивање препорака, и тоа е една од нашите главни програми, една од главните иницијативи“, вели Крулев.
