Бугарска парламентарна делегација во посета на Ватикан и Рим по повод 24 Мај
Бугарска парламентарна делегација, предводена од претседателката на Народното собрание Михаела Доцова, ќе престојува во Ватикан и Рим по повод 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, бугарската азбука, просветата, културата и словенската писменост, јавува 24 часа.
На 22 мај делегацијата ќе има аудиенција кај папата Лав XIV, а Доцова ќе разговара и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин. Предвидено е присуство на свечена православна литургија во базиликата „Сан Клементе“ и поклонение пред моштите на Свети Кирил, како и посета на „Санта Марија Маџоре“, каде ќе бидат положени цвеќиња пред спомен-плочата поврзана со признавањето на словенската азбука од Ватикан.
Делегацијата ќе се сретне и со Големиот командир на Суверениот Малтешки ред, Емануел Русо.
На 21 мај Доцова ќе разговара со претседателот на Долниот дом на италијанскиот парламент, Лоренцо Фонтана. Бугарските пратеници ќе положат цвеќе и пред споменикот на бугарскиот револуционер Капетан Петко Војвода во Рим. Во составот на делегацијата се пратеници од повеќе парламентарни групи во бугарскиот парламент.

