| |

Бугарска парламентарна комисија го разгледа случајот на Ива Михаилова, на која судот во Кочани не ѝ дозволува лекување во Бугарија

Комисијата за политики за Бугарите надвор од земјата во бугарското Народно собрание ја сослуша Христина Михаилова, мајка на 23-годишната Ива Михаилова, на која судот во Кочани не ѝ дозволува да замине на лекување во Бугарија додека трае судскиот процес против неа за сообраќајна несреќа, јавува БНР.

Постапката трае веќе десет месеци, а за 31 август е закажано четвртото рочиште. Мајката предупреди дека одложувањето создава ризик нејзината ќерка да остане со траен инвалидитет. Ива Михаилова има двојно, бугарско и македонско државјанство.

На вонредната седница на Комисијата присуствуваа само четворица пратеници: претседателот Ангел Георгиев од „Преродба“, заменик-претседателката Елисавета Белобрадова од ДБ и членовите Борислав Георгиев од ПБ и Ајлин Пехливанова од ПП. Поради недостиг од кворум, разговорот се одвиваше неформално.

Пред пратениците и претставниците на бугарското Министерство за надворешни работи, Христина Михаилова презентираше детали од документацијата за случајот. Таа посочи пропусти во вештачењата поврзани со несреќата, како и во постапувањето на обвинителството и судијата во Република Северна Македонија. Според неа, биле упатувани и закани кон сведоци на инцидентот.

Михаилова нагласи дека секое натамошно одложување претставува опасност за здравјето на нејзината ќерка.

„Таа може да остане со траен инвалидитет. Веќе има парализа, која може да остане трајна. Во моментов се лекува само со орална терапија и нема никаква рехабилитација. Судот не ѝ дозволува“, изјави таа.

Мајката се заблагодари за досегашната помош од Бугарија, која, според неа, опфаќа обезбедување правна одбрана за девојката, покривање на трошоците за медицинските вештачења и подготвеност на бугарски болници да го преземат нејзиното лекување.

Христина Михаилова ги повика сите парламентарни партии да испратат свои претставници на следното судско рочиште.

„Сакам да ги повикам сите парламентарни партии да испратат свои претставници на следното судење на 31 август. Тоа ќе биде голема поддршка за неа и за сите други малтретирани Бугари во Македонија“, рече Михаилова.

Претседателот на Комисијата, Ангел Георгиев, кој заедно со својот колега Крсто Врачев присуствувал на секое досегашно рочиште, повика Бугарија да заземе категоричен став, вклучително и преку ангажирање на европските институции.

Парламентарниот секретар на бугарското Министерство за надворешни работи, Васил Дурев, изјави дека институциите внимателно го следат случајот.

„Внимателно го следиме случајот. Ангажирани сме. Нашите конзуларни службеници на самото место присуствуваат на секое рочиште и ја обезбедуваат потребната помош. Се разбира, не можеме да заземеме став за судска постапка што е во тек. Очекуваме судот да донесе непристрасна одлука“, изјави Дурев.



Слични Објави