| |

Попов: Бугарија може да стане центар за складирање и трговија со електрична енергија на Балканот

Реалниот раст во бугарската енергетика доаѓа од соларните капацитети и батериските системи, а не од државната политика и плановите за нови нуклеарни централи, оценува поранешниот бугарски министер за животна средина Јулијан Попов во интервју за весникот „24 часа“.

Според Попов, соларната енергија бележи најголем раст во Бугарија, додека батериите, кои масовно навлегле во последните две години, овозможуваат складирање на евтината електрична енергија и нејзино користење или продажба во часовите со повисоки цени.

Тој смета дека овој развој е поттикнат од приватниот сектор. Додека политичарите зборуваат за нови нуклеарни капацитети, бизнисот инвестира во технологии што веќе покажуваат економска исплатливост. Благодарение на соларните централи и батериите, Бугарија ја зацврстува својата позиција на регионалниот пазар и може да стане центар за складирање и трговија со електрична енергија на Балканот.

Попов нагласува дека Бугарија не треба да се разгледува како изолиран енергетски систем, туку како дел од интегриран пазар со Грција, Романија и Западен Балкан. Земјата може да увезува евтина електрична енергија во периоди на вишок, да ја складира во батерии и повторно да ја извезува кога побарувачката и цените се повисоки.

Во однос на нуклеарната енергија, поранешниот министер прави разлика меѓу постојните и новите капацитети. Тој го поддржува продолжувањето на работниот век на нуклеарната централа „Козлодуј“, која обезбедува околу 40 отсто од производството на електрична енергија во Бугарија и, доколку добро се одржува, би можела да работи речиси до 2050 година.

Сепак, Попов повикува на претпазливост при изградбата на нови нуклеарни блокови. Според него, новите централи се скапи, се градат бавно и треба да се оценуваат според реалните трошоци, роковите и нивната економска улога на пазарот по 20 години.

„Нуклеарната енергија не треба да се идеологизира“, посочува Попов, додавајќи дека не зазема категоричен став дали треба или не треба да се гради нова централа. Тој смета дека е нереално таков објект да биде завршен за пет години и предупредува на ризикот од вложување големи средства во капацитет што подоцна би можел да се покаже како економски неисплатлив.

Според него, побрза заштита од нестабилните цени на горивата е развојот на домашно производство од обновливи извори, дополнето со батерии, ветерни капацитети, интерконектори и пумпно-акумулациски хидроелектрани.



Слични Објави