Бугарската амбасада во Лондон со докумeнтарна изложба ја одбележува 80-та годишнина од спасувањето на бугарските Евреи
Со документарната изложба „Пушти го мојот народ да замине“ бугарската амбасада во Лондон ја прославува 80-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи. Изложбата е под покровителство на амбасадорот Марин Рајков и е заедничка иницијатива на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките, Независното историско друштво и Фондацијата „Бугарска памет“, јавува БНР.
Голем дел од презентираните документи, широката јавност ќе ги види за првпат, бидејќи се откриени во архивите во Германија, Велика Британија, Швајцарија и Израел.
Десетици амбасадори на земји од ЕУ и Западен Балкан, дипломати, претставници на културни и јавни кругови во Лондон беа запознаени со документираните историски факти и со интерес ја коментираа улогата на бугарските државни институции, дипломатските грами, транзитните визи, Нансеновите пасоши. и бродовите под бугарско знаме, кои помогнале во трансферот за време на Втората светска војна на Евреите од Словачка, Југославија, Германија, Унгарија и Романија во Палестина.
Бугарија, иако сојузник на Третиот Рајх, не испрати ниту еден Евреин во логорите на смртта и ниту еден војник на Источниот фронт:
„Денес, кога бранот на антисемитизмот повторно ги преплавува големите европски градови, повеќе од потребно е да потсетиме како пред 80 години државата и народот, во целосна синхронизација, најдоа начин да се борат против злото во најтрагичните времиња за европските Евреи“, истакна амбасадорот Рајков во својот говор на отворањето на изложбата.
Изложбата ќе биде отворена за посета во амбасадата до 30 ноември.