Бугарската авиокомпанија „ГаливЕр“ се приклучи кон IATA Clearing House и ја проширува меѓународната мрежа
Бугарската авиокомпанија „ГаливЕр“ (GullivAir) од септември 2026 година е официјален учесник во IATA Clearing House (ICH), меѓународниот систем на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) за финансиско порамнување меѓу авиокомпаниите и другите учесници во воздухопловниот сектор, соопштија од компанијата, пренесува БТА.
Со приклучувањето, „ГаливЕр“, заедно со „Бугарија ер“ (Bulgaria Air), станува една од двете бугарски авиокомпании со активен статус во IATA Clearing House.
Од компанијата посочуваат дека учеството во ICH е дел од плановите за меѓународна експанзија и создава финансиска основа за развој на интерлајн-партнерства со други авиопревозници.
Овие партнерства им овозможуваат на авиокомпаниите да ги поврзуваат своите мрежи и да нудат комбинирани патувања со повеќе превозници.
Постапката за прием во IATA Clearing House вклучува и финансиска процена на кандидатот, при што се анализираат финансискиот профил и изложеноста на ризик. Според „ГаливЕр“, успешното завршување на оваа постапка е показател за способноста на компанијата да учествува во глобалниот систем за порамнување меѓу авиокомпаниите.
IATA Clearing House ги централизира финансиските пресметки меѓу учесниците, при што меѓусебните побарувања и обврски се пребиваат и се подмируваат на нето-основа.
Таквиот модел го намалува бројот на поединечни банкарски трансакции и овозможува поефикасно управување со паричните текови, кредитниот ризик, банкарските трошоци и изложеноста на валутни загуби.
Системот има особено значење кај интерлајн-партнерствата, каде приходите од едно патување се распределуваат меѓу повеќе авиокомпании.
За патниците, ваквите партнерства може да значат пристап до поголем број дестинации и поедноставно организирање патувања со повеќе превозници.
Во зависност од условите на конкретното партнерство, одделни летови може да бидат комбинирани во едно патување, со една резервација и еден билет, како и со чекирање на багажот до крајната дестинација.
Од „ГаливЕр“ наведуваат дека со приклучувањето кон ICH се отвора можност мрежата на компанијата да се поврзе со мрежите на други меѓународни авиопревозници и на патниците од и кон Бугарија да им се понуди пристап до поширок круг дестинации.
