Бугарската изложба „5+5 / уметност + мода“ претставена во Музејот на современата уметност во Скопје
Изложбата „5+5 / уметност + мода“, која обединува пет творечки тандеми од уметници и модни дизајнери, беше претставена изминатиот викенд во Музејот на современата уметност во Скопје, во рамките на Fashion Weekend Skopje. Ова го соопшти Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, кој го поддржа претставувањето на изложбата.
Концептуалниот проект на „Софиски арсенал – музеј за современа уметност“ и дизајнерската платформа „ИВАН АСЕН 22“ ги истражува допирните точки меѓу уметноста и модата преку пет авторски соработки.
„Тука модата излегува надвор од својата функционална намена“, се наведува во објавата на Центарот. Авторите користат рециклирани материјали, неткаен текстил, дигитален печат и рачни техники за да создадат нови форми и да понудат поинаков поглед кон одржливоста, урбаната средина и односот на човекот со светот околу него.
Во проектот учествуваат Камен Старчев и Гого Флоров, Светлана Мирчева и Дилијана Иванова, Георги Георгиев – jorrras и Маја Каранешева, Ангелика Радева и Нели Митева, како и Александра Георгиева – Sashettu и Александар Гергинов.
Кураторки на изложбата се Надежда Џакова и Нели Митева, а сценографијата и просторната инсталација се дело на Момчил Тасев.
Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје упати благодарност до Fashion Weekend Skopje за соработката и за организацијата на настанот.
