| |

Бугарската компанија „Делфин“ ќе гради борбен брод долг 37 метри што ќе плови без екипаж

Бугарската компанија за бродоградба и ремонт на бродови „Делфин“ подготвува изградба на прототип на 37-метарскиот надводен борбен брод без екипаж „Протеус“, објави Бугарската национална телевизија (БНТ). Според претставниците на компанијата, платформата е проектирана за мисии против воздушни, надводни и подводни цели, со можност за менување на вооружувањето според задачата.

Предвидено е бродот да достигнува максимална брзина од 32 јазли и да има досег поголем од 400 наутички милји. Основната опрема вклучува тридимензионален радар, радар за управување со вооружувањето, електрооптички систем и артилериско орудие со калибар од 30 милиметри.

На отворената палуба во задниот дел ќе може да се сместат до четири стандардни контејнери од 20 стапки со различно вооружување. Според компанијата, модулите ќе можат да се заменат во рок од еден час.

„При борбени дејства против надводен противник може да носи до осум противбродски ракети. За дејствување против воздушен противник може да се постават и противвоздушни ракети“, изјави за БНТ Владислав Караденчев, раководител на комерцијалниот оддел.

За противподморнички операции е предвидена опрема со влечена антена и торпедни апарати. Платформата е наменета и за електронско војување, поставување мини и противмински операции, наведе извршниот директор на компанијата, Светлин Стојанов.

„Протеус“ е проектиран за автономна пловидба и далечинско управување од брегот, а по потреба и за управување со екипаж. Во автономниот навигациски систем се користи и вештачка интелигенција.

„На бродот има системи што постојано ја следат неговата местоположба. Самостојно донесуваат одлуки за избегнување судир и за маневрирање“, објасни Караденчев.

Според компанијата, ваквите бродови би можеле да се користат за заштита на територијалните води и на бугарската исклучива економска зона во Црното Море, како и за заштита на трговски бродови од напади со дронови.

Стојанов посочи дека платформата е замислена да извршува извидување и без екипаж, да открива дронови што се приближуваат и да реагира или да пренесе информации до поголем брод или до служби на брегот.

„Делфин“ ги гради и двата повеќенаменски модуларни патролни брода за бугарската воена морнарица. Во бродоградилиштето во Варна веќе се одвиваат подготовки за изградба на прототипот на „Протеус“.

Слични Објави