Бугарската претседателка Јотова: Ниту технологиите ниту вештачката интелигенција не можат да ја заменат лекарската професија
Лекарската професија не може да биде заменета ниту од технологиите, ниту од алгоритмите, ниту од вештачката интелигенција, бидејќи во нејзината основа е човечноста, изјави бугарската претседателка Илијана Јотова на отворањето на новата академска година на Медицинскиот универзитет во Софија, пренесува БНТ.
Обраќајќи им се на бруцошите, Јотова порача да не се плашат од сложениот пат што го избрале.
„Со влегувањето во најстариот медицински универзитет го направивте најважниот чекор во вашиот живот. Еден ден ќе си кажете: ‘Не избрав само професија, туку ја избрав мојата мисија и повик’“, рече Јотова.
Таа нагласи дека медицината бара знаење, компетентност, храброст и посветеност.
„Нема ништо посилно на овој свет од тоа да ја видите надежта во очите на болен човек. Оваа професија не може да биде заменета ниту од технологиите, ниту од алгоритмите, ниту од вештачката интелигенција, затоа што ја имате човечноста“, истакна Јотова.
Ректорот на Медицинскиот универзитет во Софија, проф. д-р Бојко Ланџов, оцени дека во современиот свет, во кој се уриваат авторитети и вредности, луѓето имаат потреба од личности на кои можат да им веруваат.
„Уште од древни времиња луѓето барале потпора во ликот на исцелителот“, рече Ланџов.
Министерот за образование и наука, проф. Георги В’лчев, им порача на студентите да имаат сила да им подадат рака на другите и да ги следат своите соништа.
„Омразата и поделбите не водат кон ништо продуктивно. Да создадеш живот, да одгледаш живот, да спасиш живот е најчовечкото нешто“, рече В’лчев.
Министерката за здравство Катја Ивкова им посака успешна академска година на студентите и нивните родители, нагласувајќи дека младите се надежта за иднината.
Во име на новозапишаните студенти се обрати и Кристина Димитрова, бруцошка по медицина.
„Сите сме биле мали деца со големи соништа. Во секој од нас постои искрена желба да им помага на другите. Гледам остварени соништа и оправдани надежи“, рече Димитрова.
