| |

Еден ден татко ти едноставно престанува да ти се јавува

Илија Стојановски

И тогаш почнуваш да се сеќаваш на сите оние работи што некогаш ти изгледале досадни. Неговите совети. Неговите забелешки. Неговите прашања каде си, како си, дали се снаоѓаш. Неговите шеги. Начинот на кој те чекал.

Потоа доаѓа моментот кога би дал сè само уште еднаш да го слушнеш неговиот глас.

Јас имав 24 години.

На 24 години веќе не си дете. Но токму тогаш почнуваш вистински да сфаќаш колку многу ти е потребен татко ти.

Не за да те води за рака. Туку за да можеш да го прашаш. Да го слушнеш неговото мислење. Да седнете и да разговарате како мажи.

Кога завршив универзитет и не знаев по кој пат да тргнам. Кога требаше сам да носам важни одлуки. Кога го купував својот прв стан. Кога се оженив. Кога му се роди внука.

Токму тогаш најмногу ми беше потребен.

И токму тогаш најсилно сфатив што ни беше одземено.

Татко ми влезе во затвор како здрав човек. Од таму излезе половина човек.

И тоа е нешто што никогаш нема да му го простам на србокомунистичкиот систем во Македонија.

За некои, денес тоа се „историски спорови“. Некакви комисии, договори, протоколи, вета и дипломатски приказни.

За мене тоа не е историја.

За мене тоа е татко ми.

Тоа се години што никој нема да ни ги врати. Разговори што никогаш не ги водевме. Моменти во кои требаше да биде покрај мене, а не беше.

И кога денес ми објаснуваат дека Бугарија требало да биде „поразбирлива“, дека требало да правиме компромиси и дека било време минатото да го оставиме зад нас, јас не можам да го прифатам тоа.

Не додека истата држава одбива вистински да се соочи со своето србокомунистичко наследство.

Не додека бугарското продолжува да се претставува како нешто туѓо, опасно или срамно.

Не додека луѓето кои биле угнетувани поради својата бугарска самосвест остануваат непријатна тема.

Затоа, за мене нема „ајде да заборавиме“.

Прво вистината. Потоа признанието. Потоа промената.

И дури тогаш може да има доверба.

Додека тоа не се случи, Бугарија нема никаква причина да отстапува и да се преправа дека сè е во ред.

Секој компромис би бил предавство на споменот на луѓе како татко ми, Панде Ефтимов, Мишко Синадиновски, Коле Луловски, Љубчо Коцарев и сите оние што поминаа низ затвори, репресии и понижувања, но не се откажаа од себеси. Немаме право денес, поради удобноста на неколкумина политичари, да го обезвредниме она што тие го претрпеле.

Затоа што за некого ова е политика.

За мене е лично.

Среќен роденден на небото, тато.

Јован Стојановски- Јове Рибарот (15.09.1939 – 11.03.2010)



Слични Објави