| |

Отворање на дата центри од страна на големи светски мега компании во Северна Македонија е невозможна мисија

Ели Секуловска

Неодамна премиерот Мицковски рече дека преговарал со светски мега- компании за отворање на дата центри во Северна Македонија. Од големите светски компании за дата центри ги најави имињата на NVIDIA, Amazon, SpaceX, OpenAI, а најави дека преговарал и со уште една компанија чие име не го кажувал, го чувал во тајност! Притоа, на медиумите се разви дебата, демек ВМРО-ДПМНЕ биле за отворање на дата центри, додека пак СДСМ, не давале. Таа дебата трае со недели, важно е како што напиша филозофот и писателката Хана Арент дека во секој тоталитарен режим мора да имате привид дека нешто се движи, за се’ да стои во место. За апсурдот да биде поголем, ги натераа и земјоделците од Пехчево да протестираат против дата центрите кои наводно светските мега компании ќе граделе таму хиперскајлери со образложение дека ќе им ја земале водата за наводнување на земјоделските површини за да ги ладеле чилерите! Поточно, ги натераа да протестираат за да не се случи нешто што никогаш нема да се случи!

Апсурд!

Иако не e можно да се случи отворање на ниту мали “edge” (на работ) дата центри во Северна Македонија од страна на светски мега провајдери, сепак да појаснам дека денес постојат напредни технологии за ладење на чилерите, како на пример, хибриден систем за ладење. Еве кои системи за ладење на чилери на дата центри денес се применуваат во светот :Водно ладење (Water – Cooled), Воздушно ладење (Air- Cooled), Адијабатски системи (Evaporative/Adiabatic), Системи во затворен круг (Closed Loop/ Waterless), Слободно ладење(Free Cooling). Напредните системи за ладење на чилерите од новата генерација се: Директно течно ладење (Direct-to-Chip), Имерзионо ладење (Immersion Cooling), Ситеми со промена на фаза( Phase- Change).

За апсурдот да биде уште поголем, поточно за да постои тема за која ќе се зборува, поточно за дефокусирање на јавноста, на медиумите беше споредуван малиот дата центар во Прилеп за интерна употреба на МВР со дата центрите кои би ги отвориле светските мега провајдери! 

Дата центарот во Прилеп е на  Министерството за внатрешни работи (МВР) и според глобалните комерцијални стандарди на ИТ индустиријата, истиот се смета за микро или локален дата центар затоа што е со капацитет од под 1 MW инсталирана моќност.

Неговиот официјален назив е ИКТ Центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работење (Business Continuity and  Disаtaster Recovery Data Center).Проектот е реализиран како клучна капитална инвестиција на МВР и истиот е финансиран со помош на ИПА фондовите од Европската Унија и буџетот на министерството. Проектиран е од страна на 1х2STUDIO од Белград. Локацијата во Прилеп е избрана бидејќи има најнизок сеизмички ризик и ризик од поплави. Самиот објект (станува збор за затворен, бункерски тип на објект), поседува двојна масивна бетонска конструкција која штити од природни непогоди, физички напади и саботажи. Овој центар служи како секундрнa “бекап” локација на ИТ системите на МВР. Со тоа се гарантира дека податоците на граѓаните се целосно заштитени и достапни 24/7.

За мала држава како што е Северна Македонија, дата центар до 1 MW е сосема доволен за “бекап” на многу податоци. На пример, дата центарот во Прилеп служи како национална резервна “бекап” база на клучни државни институции како што се: МВР, Царинската управа, Упавата за јавни приходи, министерства и други државни органи.

Но, да се вратиме на прашањето: Koлкава е веројатноста светски мега компании да инвестираат во дата центри во Северна Македонија? 

Веројатноста е нула заради неколку клучни фактори:

1.Електро-енергетскиот систем во Северна Македонија е во исклучително критична состојба и нема стабилна базна енергетска основа па постојано се наоѓа те на првото, те на второто место во Европа како најкритичен, најзастарен и најнепредвидлив енергетски систем. Системот со децении се потпираше и се’ уште се потпира на термоцентралите на јаглен како РЕК Битола, изграден уште во 1982 година од страна на тогашниот СССР и кога ќе настанеше некоја хаварија или дефект, македонските инженери ги викаа руските инженери за помош. Покрај РЕК Битола, тука спаѓаат и ТЕЦ Осломеј како и ТЕЦ Неготино кои исто така се изградени во тој период, но денес работат привремено со многу намален капацитет или воопшто не работат. Овие термоцентрали кои покриваа до 70% од домашното призводство на електрична енергија, денес се наоѓаат пред колапс заради исцрпени ресурси и многу застарена технологија. Воедно, РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи, како во регионот, така и пошироко. Во месеците мај и јуни 2026 година, АД ЕСМ ( Акционерско Друштво “ Електрани на Северна Македонија”), набавиле додатни 200 тони јаглен за потребите на термоцентралата во Новаци-РЕК Битола за да се задоволи минималната базна енергетска основа за домашна потрошувачка. За првите сто тони јаглен како надворешен доставувач се јавува грчката компанија “Протергиа Енерџи”, додека пак за вторите, скопската “Енерџи Макс”. Во меѓувреме, на 30.06.2026 година, е завршена уште една постапка за набавка на дополнителни 100 тони јаглен, додека пак договорот е склучен повторно со скопската фирма “Енерџи Макс”. Следствено на тоа, логично би се отворило прашањето: Доколку се набавува јаглен од странство само да се одржи минимална стабилна база за домашно енергетско снабдување и доколку Северна Македонија во зимските месеци увезува многу скапа струја, тогаш како би функционирале големите дата центри? 

2.Мрежни загуби.

Северна Македонија се наоѓа на врвот на Европа по загуби при пренос и дистрибуција на електрична енергија. Процентот на загуби во дистрибутивната мрежа се движи над 13,80%, додека пак процентот на загуби во преносната мрежа е 3% до 4 %, или заедно надминуваат 17% до 18 % што е катастрофално многу затоа што во Европа и САД овие загуби се движат околу 4% до  6%. Наместо долгорочно да се планира  во енергетскиот сектор кој е столб за секоја држава, Северна Македонија останува земја со најзастарена енергетска инфраструктура, дотраени кабли како и застарени  трансформатори, па следствено на тоа, секоја година граѓаните заради овие загуби плаќаат над 90 милиони евра. На пример, сумата која ја платиле граѓаните заради загубите на електрична енергија во 2024 година била 91,3 милиони евра, додека пак за претходната година изнесувала 94,7 милиони евра. Се надевам дека премиерот Мицковски прво ќе се посвети на модернизирање на енергетската мрежа затоа што ако продолжи по овој пат, можеби загубите при пренос и дистрибуција на електричната енергија ќе изнесуваат фрапантни 20% како во 2010 година. На пример, Бугарија ја модернизира својата мрежа во ”SMART GRID”, па денес има најефикасна и технолошки најмодерна електро-енергетска мрежа во споредба со сите наши соседи. Со загуби од само 5,3%, тие се наоѓаат во просекот на најразвиените западноевропски земји .

 3.Напојување од две целосно независни електро енергетскимрежи во земјата

Премиерот Мицковски рече дека кога би инвестирале светските мега компании со кои наводно преговарал во дата центри во Северна Македонија, тие би изградиле и когенеративни гасни постројки во рамките на нивниот кампус! Имено, мега-компаниите за дата центри бараат двојно независно напојување. Дата центарот не смее да остане без струја во ниту една секунда. Локацијата мора да има пристап до две целосно независни електро-енергетски мрежи во државата, плус огромни капацитети за генератори и батерии.Со оглед на македонската критична, застарена и несигурна електро – енергетска  мрежа за која говоревме претходно, веројатностa  дека некоја мега компанија би рескирала да дојде и да инвестира во Северна Македонија е еднаква на нула. Иако во Северна Македонија се изградија фотоволтаични централи, во моментот земјата располага со многу мал батериски капацитет од речици 45 MW во оперативна моќност. Или во спредба со Бугарија, Северна Македонија има 120 пати помала батериска моќност од рекордните 5,4 GW на Бугарија, што укажува дека треба уште многу да се инвестира за да може земјата да изгради сопствен “бафер” за соларните централи. Или, на пример, Бугарија во 2026 година со помош на проектот “RESTORE” стана светски лидер по интензитет на батериски капацитети за складирање на енергија ( BEES – Battery Energy Storage System) во однос на големината на својот електроенергетски систем, БДП, бројот на жители, надминувајќи ги и најразвиените пазари како Калифорнија и Австралија. Поточно, тие 5,4GW претставуваат 22,8% од вкупниот инсталиран капацитет на целата бугарска мрежа.Бугарија во моментот функционира како “батерија на Балканот” помагајќи им на соседните земји во балансирање на нивните мрежи преку увоз и извоз на флексибилна енергија.BESS претставуваат мозокот и “баферот” на модерната зелена енергија.

4. GDPR (General Data Protection Regulation) или на македонски “Општа    регулатива за заштита на податоци” преставува најстрогиот и најсеопфатен закон за приватност на податоци во светот. За земјите членки на  Европската Унија важат строгите правила на GDPR што е клучно за мултинационални компании и мега корпорации. Иако Северна Македонија во 2020 година донесе нов Закон за заштита на личните податоци кој речиси е 99% препишан и услогласен со GDPR, сепак ситуацијата во пракса, поточно со македонскиот судско- обвинителски систем кој е често мета на критика на Европската Комисија, тешко да се има доверба.

5. Потреба од кадар. 

Иако модерните дата центри се многу автоматизирани, сепак, за нивно одржување се потребни врвни експерти за мрежна инфраструктура, сајбер- безбедност, ладење и електротехника. Земјите со силен ИТ сектор, развиени електротехнички факултети како и искусни инженери имаат огромна предност. Северна Македонија го завзема дури 63- тото место во светот на Глобалниот индекс на иновации ( Global Innovation Index- GII). Овој индекс ги оценува економиите според нивните капацитети, вклучувајќи 80 различни индикатори. Од соседите на Балакнот, Бугарија е најиноватина, се наоѓа на 37- место,па доаѓа  Хрватска на 40-то место, Грција на 42-то место, Романија на 49-то место, Србија на 54-то место. Или според Индексот на економски слободи ( Economic Freedom Index), Бугарија го завзема 38-то место во светот.

 6. Најважното! Латенцијата или доцнењето на сигналотили (“ping”) е апсолутно пресуден и елиминирачки фактор ( deal- breaker) за секоја мега компанија кога одлучува да инвестира милијарди евра во изградба на дата центри. Доколку во една земја нема соодветна ултра – ниска латенција до главните интернет јазли, тогаш мега компаниите како NVIDIA, Amazon, SpaceX,  OpenAI, како и тајната мега компанија на премиерот Мицковски со која наводно преговарал, веднаш ја прецртуваат таа земја од списокот. Денес, Северна Македонија остана дигитална “слепа улица” во Европа, па и пошироко. За да стигне до било кој глобален центар, нашиот сигнал мора прво да помине низ мрежите на соседите што значи во старт доцнење од 15ms до 25ms па и повеќе, зависи до која мрежа, што за мега компаниите е премногу висока латенција за да изградат дури и “edge”дата центри. За споредба, латенцијата во Бугарија изнесува од 0-2ms, додека пак во Грција се движиод 0-5ms затоа што и двете земји имаат директни врски (директен “ping”) со меѓународни мрежи и тие не зависат од никого. Северна Македонија нема диретен излез на главните оптички автопати. Или за домашна употреба, мрежата во Северна Македонија е доволна за сурфање, социјални мрежи и сл. Но, латенцијата од над 25ms за гинати како што споменува премиерот Мицковски ја прави Северна Македонија технички неконкурентна во споредба со Бугарија и Грција.

Како заклучок: Латенцијата е првиот и најважен филтер кој одредува кој влегува во играта на големите технолошки инвестиции.

Исто така, мега компаниите никогаш не градат само еден изолиран дата центар, туку градат кластери од 2 или 3 центри на оддалеченост од 30 до 100 km, кои мора постојано во секоја наносекунда да ги копираат и синхронизираат податоците. Оваа синхронизација или редундантност бара латенција меѓу самите центри од 1ms до 2ms. 

Бугарија има врвна оптика, една од најдобрите во Европа.За развојот на оптичките кабли и широкопојасниот интернет (FTTH/FTTB), Бугарија се наоѓа на самиот европски и светски врв. Како резултат на долгогодишни инвестиции во оптички кабли, Бугарија редовно се наоѓа во топ 10 до 20 земји во светот според брзината на мобилниот интернет на глобалните мерења на Speedtest Global Index (Ookla), ниската латенција како и 5G покриеност во регионот.

Понатаму, во Бугарија има доста развиен и многу подобар од Северна Македонија Перинг екосистем или ( Peering Ecosystem) каде сите локални интернет разменувачи ( Internet Exchange points) се поврзуваат со главниот центар BIX ( Bulgarian  Internet Exchange), што сето тоа овозможува исклучително ниско доцнење ( low latency) на податоците во целиот регион. Бугарскиот BIX кој е дигитален гигант на Балканот и регионален центар за Југоисточна Европа, е далеку помоќен од македонскиот MK-IX (Macedonian Internet Exchange) кој е наменет за мал пазар и исклучиво за локални потреби.  

Сите овие клучни фактори што ги набројав, а ги има уште многу, премиерот Мицковски како професор на Машинскиот факултет во Скопје треба да ги знае и да му бидат јасни. Но,наместо да направи детална анализа како инженер,тој дава изјави дури и за странски медиуми дека преговарал со мега светски компании кои ќе граделе хиперскалјери дата цетри во Северна Македонија!

Поточно, дека дата центрите биле “новата нафта во светот”, што е точно, но странските медиуми како што велиме “не пијат нафта”. Тие многу добро знаат  и за застарениот електро- енергетиски систем во Сeверна Македонија, критичен и нестабилен, како и за ситуацијата со дигиталната оптика, ИТ секторот како и за големата латенција!

Премиерот Мицковски може да отвори во секое време неколку интерни дата центри под 1 MW какви што ги има 5-6 во Скопје за локална употреба. Нека си побараат средства од ИПА фондовите и толку! За тоа не е потребна ниту голема медиумска помпа, ниту пак светски мега провајдери. 

Но, да се вратиме на реалноста. Загрижувачки е фактот кој укажува дека Северна Македонија е слепа улица како во енергетиката, така и во дигиталната сфера во споредба со нашите соседи. Или, да направиме споредба:

Бугарија, електро – енергетиски систем: 

Бугрија има многу стабилна базна енергетска основа од нуклеарната електрана  АЕЦ Козлодуј, како и термоелектраните, комплексот (Марица Исток), како и хидроелектрани.

Проектот за изградба на новите реактори Блок 7 и Блок 8 во Козлодуј е еден од најважните проекти за Источна Европа. Проектот ќе биде реализиран по американската технологија AP1000 на Westinghouse Electric Company. AP1000 e еден од најмодерните нуклеарни реактори од Генерација III+ со максимални ситеми за безбедност.  Главната изградба и инженерство ја води јужнокорејскиот гигант Hyundai Engineering& Construction .

Понатаму, Бугарија е клучен партнер во развојот на неколку стратешки мега проекти во Црното Море како што се: Подморски кабел за зелена енергија во Црното Море (BSSC), најамбициозниот енергетски проект во регионот познат како „Зелен енергетски коридор“ за пренос на електрична енергија од Азербејџан и Грузија преку високонапонски кабел за еднонасочна струја ( HVDC, High Voltage Direct Current), со моќност од 1,3 GW на длабочина од 2.200 m, и со должина од 1.155 кm, копнен дел од 40 км, до Романија, Унгарија и Бугарија.

Потоа,алтернативен коридор: Азербејџан–Грузија–Турција–Бугарија,копнено- подморски енергетски коридор преку Турција. 

Има и многу други проекти во областа на енергетиката.

Секако, Бугарија учевстува и во големи проекти во областа на телекомуникациите и оптичките подводни кабли како што е проектот “Кardesa”, мега-проект за изградба на меѓународен подводен оптички кабелски систем кој ќе поминува во Црното Морe. Станува збор за оптички подморски кабел со должина од 1.700 кm и со ултра висок капацитет(над 500 Tbsp.), кој ќе ги поврзе Бугарија, Грузија, Турција и Украина. Проектот е вреден 100 милиони евра, финансиран од Vodafone и NEQSOL Holding  и претставува еден од најзначајните инфраструктурни геостратешки  телекомуникациски проекти во регионот на Црното Море.

Следуваат проектите: Caucasus Cable System, KAFOS (Black Sea Fiber Optic System) и други.

Денес Бугарија создава глобални технолошки брендови и го има својот прв технолошки еднорог (Unicorn) ,стартап вреден над 1 милијарда долари, “Payhawk” , како и лидери во 3D графичката технологија како Chaos.

Стабилната базна енергија како и дигиталната и телекомуникациска структура, вложувањето во човечки ресурси ја етаблираат Бугарија и како една од тврдините за дата- центри. Во моментот работат над 30 дата центри, а ќе ги споменам клучните и најголеми провајдери:

Digital Realty или поранешен Telepoint. Нивните објекти( комплексот) моментално важи за еден од најголемите дата центри во земјата со моќност од 14,8 MW.

Equinix моментално е најголемиот светски оператор на дигитална инфраструктура и „carrier-neutral “дата центри со пазарен удел кој ја предводи глобалната индустрија. Заедно со Digital Realty, ја формираат „големата двојка“ во светот на колокациските услуги.Главниот центар на Equinix на Балканот е токму Бугарија. Equinix Bulgaria управува со два врвни, меѓусебно поврзани дата центри во Софија,SO1 и SO2.

Neterra (Sofia Data Center- SDT) е специјализираниот бренд на глобалниот телекомуникациски оператор Neterra. Во Софија, Neterra поседува два меѓусебно поврзани дата центри со вкупна моќност од околу 3 MW до 4 MW, SDC 1 и SDC 2.

Daticum пак е модерен дата центар во Софија кој нуди колокација и напредни клауд услуги, изграден според високи технички стандарди.

Google најави наскоро своја инвестиција во Бугарија.

Грција, електро-енергетски сектор.

Грција во моментот е вистински лидер во Медитераност кога станува збор за подводни високонапонски кабли (HVDC). Воедно, Грција се позиционира како главен енергетски мост преку кој зелената енергија од Африка и Блискиот Исток ќе патува до Централна и Западна Европа.

“Gregy” (Green energy Interconnector) e еден од најабмциозните енергетски проекти развиен од компанијата Elica Mediterranean Interconnector која е дел од грчката групација Copelouzos Group. Станува збор за  гигантски електроенергетски подморски кабел со должина од 950 km до 1000km, со капацитет од 3000 MW (3 GW) и можност за двонасочен пренос на електрична енергија. Кабелот директно ќе го поврзе Египет (Сиди Барани) со регионот Атика во Грција. Неговата цел е да поврзува 100% чиста, обновлива енергија  произведена од огромни масовни  паркови за ветер и сонце во Египет, директно до Грција. Проектот се проценува на околу 4,2 милијарди евра и е вклучен во листата на зеаднички/ взаемен интерес на Европската Унија (PCI) како и во рамката Global Gateway што му овозможува пристап до значајни европски фондови и грантови.Планирано е пренесената струја во Грција да се распредели на три еднакви делови од кои една третина ќе ја користи грчката индустрија, една третина ќе се извезува кон Европа, а останатата третина ќе ја користи исто така Грција за производство на зелен водород кој во голем дел ќе биде наменет за европскиот пазар.Финализирањето на овој мега проект се очекува да биде 2030 до 2031 година кога се очекува првите мегавати од Египет да протечат кон Грција и Европа.

Greаt Sea Interconnector, (GSI) претходно познат како EuroAsia Interconnector, е уште еден енергетски мега-проект од огромни размери кој предвидува изградба на најдолгиот и најдлабокиот подводен кабел за електрична енергија во светот. Воедно, проектот се смета како еден од технички најтешките енергетски проекти. Станува збор за подводен кабел со моќност од 2000MW што ќе ја поврзе Грција ( преку островот Крит)  со Кипар, а во следната фаза со Израел. Кабелот (HVDC) ќе се протега на должина од 1240 кm и ќе оди на длабочина од 3000 метри што го прави најдлабокиот планиран кабел на светот.

GR.ITA (Грција – Италија). Изградба на втор, нов подморски високонапонски кабел меѓу Грција и Италија преку Јонското море. Првиот постоечки кабел e со моќност од 500 MW и работи уште од 2002 година. Новиот проект ќе вреди околу 2 милијарди евра и ќе донесе нов капацитет од 1 GW ( 1000 MW).

Грција веќе успешно реализираше и се уште работи на поврзување на грчките острови со копнената електрична мрежа. Кабелот Атина- Крит ( Ariadne Interconnector). Гигантски мега проект вреден 1,1 милијарди долари поставен на длабочина од 1200 метри со вкупен капацитет од 1000MW(1GW) кој ги поврзува Атина и најголемиот грчки остров Крит.

Грчкиот оператор IPTO и производителот Hellenic Cables пак, успеаа да ги  поместат границите на технологијата.  Високонапонскиот кабел ( HVAC) или познат како “кабел на надежта” кој ги поврзува полуостровот Пелопонез и островот Крит беше пуштен во употреба 2021 година.  Овој проект  е исклучок кој влезе во инженерската историја токму затоа што е најдолгиот подморски кабел за назименична стуја (АC) во светот. Со должина од 135 км е поставен на огромни длабочини.

Сите овие кабли ја прават Грција дефинитивен лидер кога станува збор за подморска високонапонска инфраструктура , поврзувајќи три континенти : Европа, Азија и Африка.

Истовремено, Грција забрзано се позиционира како еден од клучните дигитални и телекомуникациски центри (hubs) во Југоисточна Европа и  Медитеранот благодарение на огромните инвестиции во подморските оптички кабли.

Еден од најголемите проекти е  Blue & Raman Systems,огромен проект на Google и партнерите кој ја поврзува Грција со Италија и Израел, а оттаму продолжува кон Азија.

Потоа следуваат:India-Europe-Xpress (IEX), гигантски систем го поврзува Мумбаи (Индија) со Европа, поминувајќи директно преку островот Крит; 

IONIAN, подморски кабел со должина од 320 километри кој ги поврзува Кротоне (Италија) и Превеза (Грција) преку длабоки води во Јонското Море (над 1.000 метри длабочина) за максимална безбедност од надворешни оштетувања.  Воедно,овозможува директна врска со висок капацитет (до 360 Tbps) меѓу Милано/Рим и Атина/Солун.

Понатаму: 2Africa, eден од најдолгите подморски кабли од 45.000 километри  во светот кој ја опкружува Африка. Неговото пристигнување на подморската станица во Тимпаки (Крит) обезбедува исклучително брз интернет и сигурност за целиот регион. 

East to MedCorridor (EMC), стратешки кабел во соработка со меѓународни ентитети кој ја поврзува Грција со Блискиот Исток и Саудиска Арабија.

Грчката влада и водечките телекомуникациски оператори работат на елиминирање на дигиталниот јаз помеѓу островите и копното:

Проектот SEA-SPINE: Овој проект поврзува 11 острови овозможувајќи им брз интернет, 5G/6G мрежи и развој на телемедицина. Grid Telecom пак го гради системот ARTEMIS— првиот подморски кабел од т.н. „петабитна класа“ во Грција и Медитеранот, со потенцијален капацитет кој надминува 1 Petabit во секунда, поврзувајќи го Крит со регионот Атика.Понатаму, Vodafone го развива кабелскиот систем Thetis / Thetis Express, со должина од 340 километри и капацитет од 180 Tbps, кој дополнително го засилува дигиталниот капацитет на Крит.

Благодарение на овие проекти, преку Грција поминуваат клучни меѓународни кабли што овозможува супер-брз трансфер на податоци меѓу три континенти како и стабилната базна енергија, Грција доживува бум на дигиталниот простор и успеа да ги привлече сите три најголеми hyperscale провајдери како Microsoft, кој инвестира речиси 976 милиони евра за изградба на три сопствени дата центри во регионот на Источна Атика (вклучително и во бизнис паркот Спата). Ова е дел од нивната програма „GR for Growth“.

Amazon Web Services(AWS) кој покрај отворањето на „Local Zone“ во Атина, AWS инвестира масовно во зелена енергија во Грција, потпишувајќи договори за купување на енергија од ветерни паркови со цел да ја напојува својата инфраструктура.

Google: Официјално развива свој „Cloud регион“ во Грција со три планирани дата центри во Атика. Се предвидува овој проект да генерира околу 2,2 милијарди евра придонес во грчкиот БДП до 2030 година. 

Инфраструктурата на Digital Realty, кои се се моментално најголемиот колокациски оператор во земјата. Го изградија кампусот Athens 3 (најголемиот во земјата во моментов) и го развиваат Athens 5, а воедно го отворија и првиот голем дата центар на островот Крит (HER1).

Понатаму, проектот за Mega AI Data Center во Кожани е еден од најамбициозните технолошки проекти во Југоисточна Европа. Грчката државна електроенергетска компанија (PPC / DEI) го трансформира овој регион во џиновски дигитален центар за вештачка интелигенција (AI) и Cloud услуги.Станува збор за вештачка интелигенција (AI) мега дата центар кој во првата фаза ќе има 300 MW капацитет, со потенцијал да достигне дури 1 GW, и целосно ќе се напојува од обновливи извори на енергија (сонце и батериски системи).

За Албанија која вложува како во енергетиката, така и во дигиталната отпика, и дата центрите, ќе пишувам во друга колумна. Србија, со многу појака енергетска и оптичка инфраструктура како и дата центри од Северна Македонија. На пример, дата центарот во Крагуевац кој истовремено е централниот столб на дигиталната инфраструктура на Србија. Неговиот инсталиран капацитет е 14MW,  а во него покрај државните системи се сместени гиганти како Oracle, IMB, Huawei.

Сметам дека земјите од соседството на Северна Македонија се развиваат со “брзина на светлината”, па не можете ниту да ги следите нивните проекти. Кога Сeверна Македонија би почнала денес да работи со истото темпо како што работат соседите, сметам дека ќе ни требаат уште 100 години за да ги стигнеме.

Но, премиерот Мицковски, покрај тоа што нема визија, туку секој ден се појавува на медиумите, дава изјави против Бугарија и за тоа како сме биле една од најдобрите економии во Европа! А зарем е можно нешто да се движи напред во земја со најзастарен електроенергетски систем и земја што е дигитална слепа улица? 

Се прашувам, дали Северна Македонија може да падне подолу од ситуацијата каде што се наоѓа?

Најверојатно, да. Само не знам каде им е дното.



Слични Објави