| |

Моќта на знаењето или зошто сме неписмени?

Fb статус на Никица Корубин

“Неписменоста” како метафорички и реален проблем, царува со нас во секој поглед, на секој начин и во секоја форма. Неписменоста не секогаш е прашање на незнаење, туку на одбивање да се дознае. Одбивање да се прошират хоризонтите, одбивање да се излезе од сигурната и затворена чаура на “свој свет”. Без разлика дали станува збор за личен или колективен свет.

Тој страв, таа фобија, тој сомнеж, од се’ и сешто, внимателно негувана и хранета, со брутална пропаганда и манипулација, на ширење на невистини и диригирани информации; ја поставува неписменоста на пиедесталот. Пиедестал, кој потоа лесно се контролира. Затоа што само сировата моќ и моќници, има(ат) потреба од сурова контрола. На јавниот дискурс и поимањето на државата. Со нивното наменско знаење.

Дали Александар Македонски е “наш”, станува ирелевантно, кога “Северџаните” од “никогаш Северна” со “знамето од Вергина”, не излегле подалеку од сигурноста на својот “неписмен” видокруг, добро чуван од “добронамерните патриоти”, практично и фактички: важи само “за по дома”. Освен, ако не го “прошверцувале” на некој планински врв, јавен објект или профилна слика; како врвен доказ за “патриотизмот” кој е на цена. По цена на државата.

И тука почнува и завршува секое знаење, дадено и добиено “на лажичка”, ама како отров, а не како шеќер. Затоа што нема апсолутно ништо слатко и убаво, во монструозниот наратив со кој во име на конфликт со светот, наменски се гради “неписмена” приказна.

И токму затоа, ретко кој слушнал за Миеза, кога веќе речиси и никој не отишол да провери од каде потекнува “знамето” од Вергина. На радиус од 30-тина километри се наоѓаат старата престолнина на античките Македонци и елитното училиште на македонската аристократија од 4-от век п.н.е на чело, токму со престолонаследникот Александар и неговите (идни) сопатници и дијадоси.

Под “палката” на славниот филозоф Аристотел, се едуцирала цела генерација македонски благородници, пракса востановена многу порано од времето на кралот Филип Втори, кој всушност преку изградбата на градот Миеза, во близина на денешна Науса, го поставил темелот на карактерот на походот на Александар, неговите наследници и целиот хеленистички период. Таа љубов кон знаењето, што ја вградил Аристотел и на Александар, но и на десетици негови пријатели е она што го создало неговиот космополитизам, неговата желба и неговите постапки, но и делувањето на уште многу негови дијадоси и епигони.

А, се’ тргнало од овој прекрасен Нимфеум, потонат во сенките и бистрата вода, со поглед кон рамнината и морето во далечината, на чекор до Воден (Едеса), до престолнината Пела, и до старата и митска престолнина Еге (Вергина); каде тинејџерите од античка Македонија, престолонаследниците и наследниците ја имале привилегијата да учат од еден од најголемите умови на човештвото, Аристотел, а потоа наученото да го применат.

И да го сменат и насочат текот на светската историја, да ја примат без предрасуди секоја култура на која ќе наидат. Затоа што моќта била во знаењето, и тогаш и сега. И само знаењето создава систем и општество. А, само неписменоста, руши се’ пред себе и тогаш и сега.

Патот од Миеза, може да се продолжи во многу правци. Кон нас, “Северните Македонци”, односно Горна Македонија и Пајонија; но може и кон славниот Епир, денешна Албанија и Грција. За да се види “втората половина” на Александар, и неговата мајка Молосјанка, или “преведено” со денешниот етногенетички речник: “Албанка, како тоа страшно звучи”. И да се свати, големината на оваа светска култура, која ние со нашата “неписменост” која голта се’ пред себе, смешно и накарадно, во името на уништувањето на тешко стекнатато место во современиот свет, сакаме да ја “присвоиме”.

Но, не со знаење, туку со наменска неписменост, под палката на “менторите” и владетелите од 20-от век, на денешна Северна Македонија. Само, што никакво знаење не можеше да најде место, надвор од дозволениот и креираниот дискурс. А, најмалку знаењето за политиката, современиот свет, почитта кон соседите, науката и контекстот. Затоа што знаењето создава лична самодоверба и колективна доверба во државата. Предуслов за независност и организиран систем.

Се’ она што не смеат, по никоја цена, да го имаат граѓаните на Северна Македонија. Затоа што како инаку, поданиците ќе може да тагуваат по блиското минато и “најблискиот северџански” сосед, наместо да ја креираат сопствената сегашност?



Слични Објави