| |

Турбофолк нации, турбофолк култура

Владимир Перев

1.
Македонските (квази)патриоти дигнаа лелек до небо за развеаното бугарско знаме од една српска певаљка на концерт во Велес. Малото црномуресто девојче од српската провинција, од пеачка по селски вашари и задимени провинциски кафеани, се издигна во балкански секс симбол со силиконски атрибути и наложителен фолкглас. Нејзиниот мизерен брак со прононсираниот и светски познат воен злосторник, симболот на “великата и православна Србија“, кољачот и убиец од војната во Босна и Херцеговина, ја воведе во врвовите на власта на милошевиќевата и постмилошевиќевата Србија. Прекрасната вила на Бањица, симболот на “новиот градски живот“ во Белград, не успеа од неа да направи градски човек. Позната, успешна и (не од сите) почитувана, таа никогаш не излезе од селското ментално руво, ниту од подоцнежните, накалемени на тоа руво, криминогени и злосторнички атрибути на нејзината личност. Успеа да се наметне на целиот словенски Балкан…тоа е само уште еден доказ за нашата мизерност, минорност и неспособност за личен и општествен културолошки и социјален напредок. Реакциите на развеаното бугарско знаме во Велес, јасно го потврдуваат напредокот и наративот на нашето, македонско општество. На таа сцена, и меѓу публиката и кај изведувачите имаше само мизерни одзиви на едно препознатливо минато (па и сегашно) време, полно со расизам, шовинизам и егоцентризам, затскриен зад нашиот фалшив патриотизам. Имаше и херој на денот…да го споменеме. Тоа е македонскиопт пејач Никола Станишиќ кој се обрати до “разбневената“ публика со зборовите: што се буните за знамето, половината од вас овде имате бугарски пасоши…срамота! Знам, никој не се засрами…тоа сме ние.

2.
Вториот актер на оваа драмолетка е некое скудоумно девојче од Пловдив, кое го дала знамето на пејачката на кое било напишано “Ceca, Bugarska te voli”. Девојката била голем фан на пејачката и одела на сите нејзини концерти. Дали училиштето и родителите на таа девојка и објасниле која е симболиката на тоа знаме, како и на секое знаме воопшто. Во Америка во седумдесетите години од минатиот век, американските хипици го ставаа тоа знаме на задниот дел од телото, на задникот, ама тоа беа хипи хепенинзи, бунт за социјална, расна и образовна правда и еднаквост. Концертот во Велес е нешто друго. Бугарскиот триколор е знаме кое го обединува бугарскиот народ “од Охрид до Черно море“ и е симбол на единството на бугарското племе. Под тоа знаме се бореле и гинеле нашите предци во битките на Сливница, Брегалница, Завој на Црна, Беласица, Кајмакчалан и на ред други места, испишувајќи ја модерната бугарска историја и потврдувајќи го своето единство и заедништво. Тоа знаме не спојува сите нас во пет водени војни во последниве сто и педесет години. Конечно, со тоа знаме се покриени ковчезите на сите воени жртви во тој период, под тоа знаме се коските на нашите паднати предци во битките за единството на бугарскиот народ. Некој тоа треба да и го каже на младата пловдивчанка, да ѝ ја објасни бласфемичноста на нејзиното необмислено и неодговорно однесување.

3.
Нам, на македонците не ни пречи кога ги гледаме развеаните српски знамиња на чествувањата на српските “победи“ во војните кај нас и на нивните недоквакани и навредливи изјави “да су ослободили СВОЈУ земљу од окупатора“, дадени на сред Битола или Штип. Не ни пречи кога простакот Додик нѝ држи часови како треба да се однесуваме кон Европската унија и дека неа ќе ја снема наскоро…да не говорам за неговиот расизам и осудите на “поинаквите“ на овој свет. Ги пеат нивните српски песни за победите, ама не се согласни ние да ја пееме песната за Дрангов и битката на Криволак на свечени собири. Не се согласни да славиме како бугарската армија не ослободи од жестокостите на српското ропство во 1941 година и како таа војска беше пречекана во Велес, Прилеп, Битола, Охрид и низ цела Македонија.

Да завршиме со една анегдота која се движи на работ на неверојатното. Бугарскиот премиер Филип Димитров (и тој со македонска крв), некаде околу 1992 година, при една своја посета во Вашингтон, се сретнал со големиот (сега скоро починат) аналитичар Збигнев Бжежински и го поставил прашањето: Дали е добро во овој момент (1992 г.) да се обединат Македонија и Бугарија?“. Одговорот на Бжежински бил визионерски: “Сега не е моментот за едно такво обединување…но да знаете, по педесет години тие, македонците ќе сакаат да се обединат со вас, ама вие нема да ги сакате!“.

Црни визии за Македонија…



Слични Објави